Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми најави дека ќе предложи порадикални мерки доколку и денеска состојбата со загаденоста на воздухот не се промени.
Тој вчера одржа средба со претставници на невладини организации кои делуваат во областа на животна средина, која посочи дека нема да донесат одлуки на штета на граѓаните.
И денеска ќе нема ветер, а Владата на седница ќе одлучува дали ќе ги прифати порадикалните мерки за справување со високото аерозагадување во Скопје, Тетово, Битола и во Kичево, што ќе ги предложи Министерството за животна средина.
Според метеоролозите времето денеска ќе биде претежно облачно со слаб ветер и магла. Температурите ќе се движат од 3 до 10 степени. Во Скопје и околината ќе преовладува слично време со температура до 5 степени.
Загаденоста на воздухот во Скопје за време на минатиот викенд ги урна сите досегашни рекорди, а освен нивото на прав (ПМ10), скокна нивото и на останатите загадувачи, јаглеродмоноксид и азотните оксиди. Според мерењата на Министерството за животна средина, часовните концентрации вечерта од саботата кон неделата достигнаа до 1.100 микрограми на кубен метар воздух, што е за 22 пати повисоко од дозволената граница од 50 мцг/м3. Олку високи вредности на прав во скопскиот воздух немаше ниту во минатиот декември, кога загадувањето достигнуваше до 1.000 мцг/м3, а најголемиот индустриски загадувач „Макстил“ нормално работеше. Во текот на вчерашниот ден концентрациите на ПМ10 се движеа околу 400.
– Загаденоста на воздухот е комплексна проблематика, бара повеќе координација, особено од државните институции на локално ниво и централната власт, како и со невладиниот сектор и граѓаните, рече Адеми, нагласувајќи дека за квалитетот на воздухот свое влијание имаат индустријата, сообраќајот, грејната сезона, метеоролошките и климатските услови.




