Административниот и помошно-техничкиот персонал во здравството за утре во 13.30 часот најавија протест пред Министерството за здравство.
„Синдикатот на Клинички центар на седницата на Советот одржана на 10.11.2019 година донесе одлука да се потпише Анекс на Колективниот договор за покачување на платите на докторите специјалисти за 25 отсто, докторите со наставно звање за 20 остсто, докторите по општа медицина 15 отсто, здравствените работници со средно, више и високообразование за 10 отсто и здравствените соработници за 5 отсто, почнувајќи со февруарската плата во 2020 година.
Во таа прилика јавно истакнавме дека не сме задоволни што административниот и помошно-техничкиот персонал не се вклучени во ова покачување.
Во таа насока поради идентичните барања и заедничката цел заедно со Гранковиот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита и координативното тело на здравствената администрација остваривме повеќе средби со Министерот за здравство на кое ги истакнавме нашите барања за покачување на платите на административниот и помошно-техничкиот персонал и изземање на здравствената администрацијата од Министерството за информатичко општество“, се вели во соопштението од ССКЦ.




