Католичките верници денеска слават Раѓањето Христово-Божик. Синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде имаше свечена литургија, на која Бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов, ја прочита божикната порака.
„Драги браќа и сестри во Христа! Годишното празнување на Божик пред нас ја поставува задачата не само да го празнуваме секоја година, а уште помалку само да го спомнуваме, туку да допуштиме Божик да биде настан во нашиот живот.
– Стоиме пред тајната на неизмерната Божја љубов. Стоиме ние луѓето од 21 век кои така често и прекумерно го употребуваме зборот љубов и, се чини, како веќе да е истрошен тој збор и како да нема ништо ново што да ни каже. Значи, вистинскиот поим на љубовта е највисокото достоинство, зашто самиот Бог е љубов.
– Љубовта не може да биде свртена кон себе, туку љубовта значи да се свртиме кон другиот, духовно да го збогатиме, да се даруваме на другиот, да го усреќиме другиот. Божик е можен како настан само за оној од нас кој ќе допушти денес – овие денови – да го допре таа и таквата Божја љубов.
– Божик е излив, доказ на Божјата љубов. Првата препрека која човештвото денес ја става пред доаѓањето на Бога е нашата егоцентричност. Ретко кога во историјата човекот бил толку затворен во себе исклучиво поради себе под мотото „мене да ми биде добро“. Тоа наше „јас“ израсна во огромен егоизам што не признава никој друг покрај себе освен ако од оној покрај себе исклучиво тој самиот има корист.
– Всушност, втората препрека која човештвото ја става пред доаѓањето на Бога е нашата користољубивост. Човекот во наше време вреди само толку колку има или колку е корисен. Така човекот денес стана поткрадено битие и често пати наједноставен предмет со кој се тргува и евтино се продава“, рече бискупот скопски Киро Стојанов во божиќната порака.




