Првообвинетиот во случајот „Рекет“ Бојан Јовановски – Боки 13 на денешното судско рочиште изјави дека се чувствува како политички затвореник и дека вистината за случајот ќе се дознае само ако има правичен процес.
Доколку Судот носи одлуки под притисок, како што истакна тој, не исклучува да штрајкува со глад.
-Го молам Судот да носи одлуки без странични закани и притисоци. Денеска испратив писма до амбасадорите на САД, ЕУ и Франција, Брнс, Жбогар и Тимоние, како и до Хелсиншки комитет и побарав посета од нив во затворот, рече Јовановски пред судиите.
Тој себе си се нарече политички затвореник, а тврдењата за наводни закани по неговиот живот ги поткрепи со барање кое веќе го испратил до државниот јавен обвинител Љубомир Јовески на кого, како што рече, сакал да му сподели строго доверливи информации. Јовановски се пожали дека закани почнал да добива по исказот даден пред Вилма Русковска. На судијката Васка Николовска-Масевска ѝ укажа дека се уште не добил никаков одговор од Јовески иако, како што рече, се работи за многу сериозно барање.
Тој се пожали на здравствената состојба и нееднаквата положба пред Уставот и законите. До овој момент, како што кажа, нема забелешка на Судечкиот совет иако, како што додаде, се чувствува како лице на кое се тренира правда.
По ова Јовановски доби препорака од судијата Васка Николовска – Масевска да се пожали до институциите. Таа му рече дека ги уважуваат медицинските белешки во кои се вели дека има здравствени проблеми, но не толку големи.
На денешното рочиште сведочеше обвинителката Елизабета Јосифовска, која рече дека го потпишала позитивното мислење за враќање на пасошот на Јордан Камчев, обвинет во предметот на Специјалното јавно обвинителство, „Империја“, по налог на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева.
Во СЈО, како што кажа Јосифовска, била изработена процедура во која вработените ги доставуваат сите документи до кабинетот на Јанева и откако од службите ќе ги добиле назад значело дека Јанева ги одобрила, а таа и обвинителката Ленче Ристовска ги потпишувале кога Јанева била отсутна.
На 2 мај, како што додаде, токму затоа го потпишала мислењето со кое се уважува барањето на одбраната да се даде согласност за издавање времена патна исправа за обвинетиот Камчев.




