Живеат тука со нас две децении, а уште талкаат низ системот, изгубени и без можност за комплетно интегрирање . Решавањето на прашањето со косовските бегалци Роми никогаш не било на агендата на ниту една политичка партија. Изгубени во системот, тие немаат државјанство, документи, а со тоа ниту можност комплетно да се интегрираат или пак да излезат од државата и да заминат во некоја од европските земји.
Од 213 косовски бегалци Роми колку што се регистрирани во моментот, само 13 се стекнале со статус на признаен бегалец . Другите 200 лица се под супсидијарна заштита, со ризик по нивната безбедност доколку се вратат на Косово. На околу 90 луѓе не им бил одобрен азил и тие за 30 дена требало да се вратат назад на Косово, но не го сториле тоа. Овие бегалци немаат ништо и тие се невидливи за системот.
Меѓу себе се разликуваат по бојата на картичките кои им служат како личен документ. Според податоците од МВР овие картички ги обновуваат на една година. Но, за институциите овие картички за идентификација најчесто се непрепознатливи и како што самите велат, често имаат проблеми по шалтери.
Сивите картички ги поседуваат тие што имаат признанен статус на бегалци. Кафеавите ги добиле тие за кои постои ризик по нивните животи и безбедноста ако се вратат назад на Косово.
„Жолтите картони, во минатато се издаваа на лица за кои што целосно се исцрпени сите правни средства и целосно е завршена постапката, односно за лица со суспендирано (одложено ) враќање во матичната држава, имајќи го во предвид хуманиот аспект односно ранливоста на лицето (болни лица, мајки чии деца не се запишани во матичните книги за родени со цел како документ кој ќе послужи за упис на детето“, велат во МВР.
Мусли Шакири заедно со сопругата и осум деца во 1999 година дошол во Македонија, како бегалец за време на косовската криза. Тој и неговото семeјство имаат сиви картички и признаен статус на бегалец со исполнети услови определени со Женевската конвенција, (како лица прогонети заради својата раса, вера, националност, припадност на одредена социјална група или поради своето политичко уверување).
Ова е највисок статус од меѓународната заштита за кој се носи решение, а потоа се продолжува само престојот. Но, тоа за ова семејство не е решение. Неговите деца склучиле бракови тука со македонски државјани, но нивниот статус се уште не е решен.
“Се прашувам каде е нашето право што оваа држава го потпишала со Повелбата на ОН. Каде се нашите права за основните човекови права, за здравствена заштита, социјала. За една бегалско семејство најважно е да има покрив над глава, потоа вработување, здравстена заштита, социјала, образование. За државјанство ми бараат од матичната држава извод, јас кога бев протеран беше Југославија. Каде да го барам тој извод сега“, вели Мусли Шакири.
Тој и неговата сопруга живеат во зграда во Визбегово која е направена со помош на УНХЦР, пред повеќе години. Но, немаат струја бидејќи не можеле да плаќаат со социјална помош од 3500 денари. Поради високиот долг за струја од над 2000 евра, имаат извршна пресуда и не знаат како ќе го платат долгот.
„ Во Визбегово луѓето немаат струја, топла вода да се избањаат, сапун, некоја епидемија може да се прошири, некоја заразна болест. Дискриминарани сме, домувањето ни е проблем. Еве едниот син ми е женет со македонска држвјанка и не знам зошто му е укината паричната помош за домување, а има право да ја прима таа помош зашто живее под кирија. Од кога не напушти УНХЦР стана многу лошо, ги добивме овие лични карти, а во институциите не знаат што е тоа, во банките не знаат и ни прават проблем“, вели Мусли Шакири, кој е веќе стар и хорнично болен и неспособен да работи.
Неговиот син Љуизим Шакири, вели дека сака да заработува чесно да ги школува своите деца но, неможе да се интегрира во општеството и покрај сите напори кои ги прави.
Тој живее под кирија во една трошна куќа во Шуто Оризари за што добива месечен надомест од Министертвото за труд и социјала и 3500 денари како помош. Завршил неколку курсеви, за да може да работи но освен повремено во некоја перална за возила, работа нема.
„Живеам во држава која што нема сила за своите граѓани, не па за нас. Имам завршено курс за фасадер, за заварувач, имам проблем со интегрирање. Две од децата одат на учлиште ама ги праќам со 10 денари, а некогаш немам ни толку. Сакам да ми се почитуваат правата на признаен бегалец во РСМ, да ми се даде државјанство, вработување бидејќи со 3500 денари не можам да издржам со 5 члена“, вели Љуизим Шакири.
Љуизим вели дека никогаш не бил казнет, живее чесно, не правел проблеми во оваа држава и сака да се реши неговиот статус.
„Не сакам со сила да се интегрирам, ама не сакам да бидам ниту малтретиран, нека се изјасни државата дека не ми дава државјанство, па да барам друг излез. Моите деца сакаат да се школуваат, а со 10 денари до седми час во училиште не можат да издржат. Не сакаме да се вратиме на Косово, но ако има сила да не врати, немаме против. Бараме нормален живот. Еве за сите граѓани е зголемена социјалната помош, за нас не е. Дури сега преку биро земавме плави картони“, вели Љуизим Шакири.
НОВА беше и во Визбегово во руинираната зграда каде што живеат шест семејства.
Таму живее и 39 годишниот Нехат Бериша со неговото семејство, исто така косовски бегалци. И за него најголем проблем е државјанството и немањето на документи.
„За да извадам извод на родени и други документи треба да одам на Косово. А, како да поминам граница без документи, без патна исправа. Тоа ми е најголем проблем“, вели Бериша.
Не се жали на условите за живеење, но тоа што немаат струја вели дека е проблем. Никој од семејствата не биле во состојба да плаќаат струја бидејќи не работеле тој период, па сега ги гонат извршители.
„Останавме тука шест семејства, другите си заминаа на Косово. Струјомерите кои беа на лично име и презиме се извадени, немаме струја. Не можевме да плаќаме и се насобра долг од над 2000 евра, а да платам немам како“, објаснува Нехат Бериша.
Во станот затоплуваат со шпорет на дрва, се греат со гранки кои ги собираат. Нехат вели дека за лекување плаќа партиципација како и сите други граѓани, но повремено работи така што успева да се справи со тие трошоци. Но, проблем му е што не може да се впише и како татко на неговите деца кои го носат презимето на мајката.
„Среќа не сме имале посериозни потреби од лекување, инаку тешко е. Стекнувањето на право на државјанството ми изгледа невозможно и тој проблем треба да се реши“, вели Нехат Бериша.
Тој 20 години е привремен жител на оваа држава со кафеава картичка за легитимирање, која секоја година треба да се обновува. Ги има истите права по однос на обврските и плаќањата кон држава, но не и државата кон него.
Дури и договорот за престој во зградата во Визбегово веќе е истечен и не знаат што треба да прават и каде ќе одат понатаму.
Далечната 1999 година за време на косовската криза околу 4000 бегалци побарале азил во државата. Дел од нив добиле заштита, а останатите морале да се вратат назад. Во Министерството за труд и социјална политика велат дека и дел од тие што останале се вратиле на Косово кога има биле понудени посебни услови.
Со одлука на Влада, а преку програмата на УНХЦР(2004/2005 година) на овие луѓе им бил даден толериран престој.
Македонското здружение на млади правници (МЗМП) како имплементирачки партнер на УНХЦР го поддржува процесот на интеграција на овие бегалци во сите области: Преку обезбедување на правна помош и застапување пред Секторот за азил и надлежните судови во процес на разгледуавње на нивното право на азил во земјава, користење на правни механизми за да се стекнат со лична документација, при постапките за регистрација на новороденчиња и признавање на татковство, им помагаат при остварување на правата од социјална заштита и домовување и слично.