Големиот турски писател, Орхан Памук, на денешната средба со новинарите по повод наградата „Табернакул“ изрази благодарност, објаснувајќи дека е среќен во Македонија, за која вели е земја многу блиска до Турција.
-Благодарам до „Табернакул“ што ме удостои со ова значајно признание. Моите верни читатели знаат дека 40 години пишувам романи и досега не сум добил награда која се однесува на мој последен роман, туку претежно наградите биле за моето севкупно творештво, рече Памук.
Памук, заедно со рускиот творец Виктор Ерофеев, деновиве се во Скопје за да ја примат меѓународната книжевна награда „Табернакул“, која втора година ја доделува македонската издавачка куќа.
Објаснувајќи за вредностите, и почетоците во своето творештво, Памук вели го интересираат темите за изолираните, отфрлените луѓе кои не можат да се интегрираат во општеството, оние кои не можат да стигнат во Европа. И самиот се чувствувал така.
Рускиот писател Виктор Ерофеев, пак, исто така изрази голема благодарност за наградата. Рече дека му е драго што е во Скопје и дека, кога го слуша македонскиот јазик, сфаќа колку се слични Русија и Македонија.
„Сакам најпрвин да ја споделам информацијата дека деновиве 562 автори потпишавме петиција за крај на надзорот што се спроведува од страна на владите и приватни корпорации кои се здобиваат со лични информации за луѓето. Тоа е навистина безобразно, како рак против кој се бориме“.
Тој зборуваше и за неговиот роман „Акимудија“ кој по повод наградата беше преведен на македонски јазик. „Моите книги се преведени во 40 земји. Но, досега не сум видел толку брзо да е преведен некој мој роман, како што е случајов во Македонија. Се надевам дека е квалитетен.“
Ерофеев за Скопје вели дека му заличил на гробница.
„Вчера имав можност да се прошетам низ центарот на Скопје. Го видов огромниот споменик на Александар Велики и се прашував дали за 100 години ќе имаме и ние таков, големиот Путин на коњ? Па, си реков, можеби и нема да има. Во Москва има гробишта со скулптури направени од бронза. Па, така и Скопје ми заличе на гробница. Но, во позитивна смисла“, рече Ерофеев.
На прашањето упатено до двајцата писатели, дали чувствуваат слобода во изразувањето при пишувањето на книгите, Памук рече: „Можеби во Турција ако напишете колумна на некоја дневно-политичка тема ќе имате голем притисок. Но, ние писателите сега можеме послободно да се изразуваме. Во Турција можам во доволни количини да ја критикувам власта, иако не се сите автори среќни како мене. Во Турција се вели дека нема цензура, а потоа може некој да биде уапсен. Ваков притисок е насочен кон новинарите. Тие можат да ја изгубат работата, да добиваат притисоци од судовите и сл. Во мојата држава слободата на изразување е на ниско ниво.“
Ерофеев, пак, на луциден начин, рече: „Да ја споредуваш Турција со Русија, е како да споредиш два инвалида. Едниот нема нога, другиот нема рака. Нашиот народ сега живее без цензура и може да издаде што сака. А, политичката цензура ја има на централните медиуми. Тоа е како пропаганда, дека се’ е добро. Кога гледате вести на национална телевизија, мислите дека живеете во рај. Таму велат дека и затворите се најдобри, опкружени со палмини дрвја. Тогаш сфаќате дека сте во политички пекол. Но, кај нас расте активен граѓански протест“, истакна Ерофеев.
На прес-конференцијата присуствуваа и дел од членовите на жирито за годинашната награда, писателот Венко Андоновски и филозофот Ферид Мухиќ.
фото: Утрински