По жестоката расправа, без преставниците на опозицијта во Парламентот, парламентарното мнозинство со 62 гласа За, го донесоа законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Министерот за информатичко општество Иво Ивановски рече дека на првата наредна седница на Влада ќе ги достави предлог амандманите на двата закони.
„Ова ќе биде на првата наредна владина седница, со претставниците на ЗНМ договоривме дека ќе се изостават електронските публикации, а печатените медиуми ќе имааат само обврска за импресум. Дополнително во период од пет до шест месеци ќе дискутираме за МРТ. Тоа што ветив со претседателот на ЗНМ на следната владина седница ќе го реализираме“, рече министерот Иво Ивановски.
Реплицираше Весна Бендевска од СДСМ. Таа рече дека сега е јасно зошто ДУИ го прифатил законот за медиуми-поради заменичко место во новата Агенција за медиуми.
„Ветивте, е па министре ајде пред цела македонска јавност да видиме што ветивте и зашто ДУИ нагло го смени ставот дека нема да поддржи вакви закони зашто се косат со европските стандарди. Колегите од ДУИ издејствувале, сте им ветиле заменичко место на директорот во Агенцијата за медиуми. Цената на ДУИ е 1600 евра, ама вистинската цена е цензура, медиумски мрак, нема веќе независни медиуми. Јавноста мора да знае дека ваквите скандалозни закони ги аминуваат од ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ“, рече Весна Бендевска.
Сафет Бишевац рече дека министерот Ивановски цел ден бессрамно лаже.
„Слушнавте дека на првата наредна седница ќе носеле нов закон. Овој човек е дојден да ја лаже јавноста. Ни збор не кажа дека делот што се однесува за МТВ нема да биде готов за шест месеци. Тоа треба да се искористи на претседателските избори, за да се искористи медиумот за нивниот кандидат. Ете тоа е целта, апсолутна контрола на медиумите, и затоа носите закон“, рече Сафет Бишевац.




