Едногласно, без никаква дискусија, советниците од општина Центар го изгласаа буџетот на општината за 2014-та година.
Градоначалникот на општина Центар се заблагодари на едногласната поддршка од сите советници за буџетската каса за догодина.
Ова, рече Жерновски, ќе овозможи да продолжиме да работиме според планираното.
“Во буџетот за 2014та се прифатени интервенциите и барањата на советниците за зголемување на еднократната помош за новороденче на 7.500 денари, повеќе средства се одделени за развој на спортските клубови, а не само за КК Работнички“, рече Жерновски.
Со новиот буџет ќе се ангажираат дополнително лица за проектот за подобрување на здравствената заштита, ќе се реализира барањето да се изгради патека за слепи лица.
Како што посочи Жерновски, веќе се реализираше барањето на советниците од ВМРО – ДПМНЕ на сајтот на општината да има увид во јавните набавки.
Советничката од ВМРО –ДПМНЕ, Даниела Рангелова изрази благодарност што се прифатени нивните иницијативи за изградбата на патека за слепи лица и за зголемување на помошта за новороденчиња. Се’ е ова, рече Рангелова, во интерес на граѓаните на општина Центар.
Без дискусија беше усвоена и програмата за извршување на буџетот. Изгласаниот буџет на општина Центар за 2014-та година ќе тежи 1.532.304.000 денари.




