Според последната анкета на Агенцијата „Рејтинг“, од работата на градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски се задоволни двојно поголем број граѓани во споредба со оние што изјавиле дека се незадоволни од неговата работа, односно 58,7% од граѓаните рекле дека се целосно или главно задоволни од неговата работа, а 29,7% рекле дека се главно незадоволни или воопшто не се задоволни, додека 11,2% не можеле да оценат.
Притоа, 92% од гласачите на Сојузот на иднината, предводени од СДСМ, се задоволни од работата на Жерновски, а, исто така, дури 15% од гласачите на ВМРО-ДПМНЕ изразиле задоволство од работата на градоначалникот на Центар.
Ревизијата на проектот Скопје 2014, која беше едно од клучните ветувања на Жерновски во изборната кампања, ја одобруваат 60,6% од анкетираните, додека не ја одобуваат само 20,7%. Поголем број од граѓаните сметаат дека при реализација на проектот и јавните набавки за спомениците во Центар имало злоупотреба на надлежностите. Дури 44,7% го делат ова мислење, додека само 15,8% сметаат дека немало злоупотреби. Притоа, 9% од гласачите на ВМРО сметаат дека имало злоупотреби во реализацијата на Скопје 2014. 39,5% од граѓаните не знаат или немаат мислење за ова прашање
Од анкетираните, 44,5% сметаат дека апсењето на претседавачот на општина Центар, Мирослав Шиповиќ е направено за да се блокира работата на општина Центар. 27% не се согласуваат со ова тврдење, а 23,3% целосно се согласуваат. 85% од симпатизерите на Сојузот за иднината предводена од СДСМ се согласуваат дека зад апсењето на Шиповиќ е политичка заднина за блокада на работата на општината.6% од опозициската коалиција не се согласува, 67% од симпатизерите од ВМРО ДПМНЕ не се соигласуваат дека блокадата на советот е причина за апсење на Шиповиќ, а 14% сметаат дека токму блокадата на општина Центар е причина за апсењето.
Анкетата е спроведена телефонски за потребите на општината Центар, од 20 до 23 декември оваа година, врз репрезентативен примерок од 850 граѓани од полнолетното население на територијата на општината.




