Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, до Јавното обвинителство на Македонија за гонење на организиран криминал, поднесе Кривична пријава против министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, против поранешниот градоначалник на општина Центар, Владимир Тодоровиќ, и советниците на Општина Центар од ВМРО-ДПМНЕ во претходниот мандат.
– Во име на еднаквиот третман на сите пред лицето на правдата, поднесовме кривична пријава за основано сомневање за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353, став 5 од Кривичниот закон, и нанесена штета на Буџетот на РМ во вредност од над 3,5 милијарди денари или повеќе од 58 милиони евра, соопшти портпаролот на партијата, Петре Шилегов.
Од СДСМ се сомневаат дека спротивно на членовите 3, 4, 5 и 8 од Законот за меморијални споменици и спомен обележја (ЗМССО) прво обвинетата учествувала, поттикнала и ја злоупотребила својата функција на начин што во име на Министерството доставила 13 иницијативи до општина Центар за подигање на 22 спомен – обележја, иако од содржината на истите и описот на ликовите даден во иницијативите произлегува дека се работи за изградба на меморијални споменици, и не е надлежна општината туку Собранието на РМ.
– Имајќи ги во предвид законските одредби и милионската штета по буџетот, бараме итно постапување на Јавното Обвинителство, со што ќе докажат дека немаат селективен пристап и дека сите се еднакви пред законот, надополни Шилегов.
Тој рече дека СДСМ очекува Јавното обвинителство да ги разгледа можностите дали министерката за култура Канчевска Милевска може да го повтори делото, имајќи предвид дека се уште е на истата функција.




