Се уште не е избрана банката која ќе ја кредитира изградбата на новиот Клинички центар, изјави министерот за здравство Венко Филипче. Тоа значи дека во Министерството за финансии кое е во координација со Министерството за здравство, уште се преговара која ќе би била најповолната можна понуда. Со тоа ја потврди информацијата на НОВА, дека се уште не е договорено кој ќе биде финансиер на најголемиот проект во државата и дека постапката се уште е во тек.
Тој потврди дека се преговара со две развојни банки, но не ја отфрли можноста и за конзорциум од трите комерцијални банки (Ерсте груп, Раифазен банк и Уникредит), иако во декември минатата година Владата ја прифатила информацијата кредит да се побара од двете развојни при Совет на Европа (ЦЕБ) и Европската инвестициона банка (ЕИБ).
„Ние немаме изворно банка за соработка. Во Министерството за финансии се одвива дијалог за најповолен финансиер. Во предвид доаѓаат трите комерцијални банки кои ги кажав и порано, и две развојни банки. Се прават анализи која понуда е најповолна. Значи, не е точна информацијата дека е одлучено дека двете развојни банки ќе ја кредитираат изградбата на новиот Клинички центар, нема избрано финансиер, тоа ќе следи во периодот што е пред нас“, одговори министерот Филипче на прашања на новинарите кои се интересираа на оваа тема.
За разлика од Филипче кој рече дека во предвид доаѓаат и трите комерцијални банки, во Министерството за финансии пред два дена за НОВА потврдија дека во тек е постапка за можноста за кредитирање на новиот Клинички центар преку Банката за развој при Совет на Европа(ЦЕБ) и Европската инвестициона банка(ЕИБ). Не кажаа детали дали е дојдено до фаза за да биде прецизирано под кои услови би се земал заемот, какви се каматните стапки и на колку години ќе се исплаќа кредитот.
„Согласно одлука на Влада во декември Министерството за финансии се обрати до Банката за развој при Советот на Европа (ЦЕБ) и Европската инвестициона банка (ЕИБ) со барање за изразување интерес за финансирање на изградбата на Универзитетски клинички центар на гринфилд локација во Скопје. Двете развојни банки во конзорциум изразија интерес и на 171-та седница Владата ја усвои информацијата за финансирање на проектот од овие две меѓународни финансиски институции и постапката е во тек“, велат за НОВА, од Министерството за финансии.
Паралелно со ова, во Министерството за здравство се одвива избор на компанија која ќе го гради објектот на greenfield локација, по моделот “клуч на рака”. Министерот нагласи дека се одвива процес на конкурентен дијалог во кој првата фаза е завршена.
„ Треба да започне втората фаза со економските оператори од двете фирми со кои треба да почне дијалог, тоа се германската „Вамед“ и француската „Бујгес констракшн“, рече министерот Филипче.
Како што веќе објави НОВА, реализацијата со изградбата на новиот Клинички центар ги пробива роковите кои беа предвидени. Во Веле Поле, во населбата Ѓорче Петров се уште не е распишан тендерот за уредување на инфраструктурата за што Владата издвои 243 000 евра.
„Тендерот ќе биде распишан следната недела и тој ќе биде за инфраструктурата за просторот да се оспособи и на него да се гради Клиничкиот центар“, изјави за НОВА Наумовски, на крајот од минатата недела.
Сепак, тендерската процедура е процес кој мора законски да се испочитува и временската рамка заедно со периодот на жалби доколку го има не може да се предвиди.
И изборот на фирма која ќе го гради капиталниот објект е процес кој оди бавно, а ресорното Министерство велат дека станува збор за сложени постапки кои се одвиваат непречено. Според надлежните изборите во април нема да ја стопираат или попречат реализација бидејќи процедурите се отпочнати претходно.