Откако портпаролот на Социјалдемократскиот сојуз, Петре Шилегов соопшти дека неговата партија поднесе кривични пријави против министерката Канческа-Милевска, поранешниот градоначалник на Центар, Владимир Тодоровиќ и претходните советници на ВМРО ДПМНЕ во Центар, во текот на денот не престанаа реакциите од спротивставените партиски табори.
– Во име на еднаквиот третман на сите пред лицето на правдата, поднесовме кривична пријава за основано сомневање за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353, став 5 од Кривичниот закон, и нанесена штета на Буџетот на РМ во вредност од над 3,5 милијарди денари или повеќе од 58 милиони евра, соопшти портпаролот на партијата, Петре Шилегов.
Со соопштение се одбрани Министерството за култура: „Согласно Законот за меморијалните споменици и спомен-обележја во член 5 јасно и децидно стои кој може да поднесе иницијатива за подигање меморијален споменик и спомен обележје, а тоа се сите физички лица и правни лица. Под физички лица се подразбираат сите граѓани на РМ, а под правни лица сите правни субјекти во РМ (државни институции, установи, здруженија на граѓани, трговски друштва и тн). Значи согласно Законот за меморијалните споменици и спомен-обележја секој може да поднесе иницијатива за подигање на меморијален споменик и спомен-обележје“.
Опозиционата СДСМ во својот одговор дообјасни дека членот 5 од Законот за меморијални споменици и спомен – обележја со којшто се обидувате да се оправдате не може да ја спаси од одговорност министерката Канческа – Милевска.
– Иницијатива за подигање меморијален споменик и спомен обележје може да поднесе секој, но за ваков тип споменици одлука носи Собранието на РМ, посочи СДСМ. Според нив министерството ја поттикнало општина Центар, тогашниот градоначалник Тодоровиќ и советниците од ВМРО-ДПМНЕ да постапат противзаконски.
Сепак за ВМРО – ДПМНЕ ова се само големи лаги за 500 милиони, 200 милиони, 100 милиони, 80 милиони, а СДСМ упорно продолжува, во недостаток на идеи и во наплив на скандали околу нивниот лидер да бара начин како да продолжи со својата политичка агресија.
Со апел надлежните судски органи ВМРО – ДПМНЕ побара брза разрешница, бидејќи според нив сите процедури за спомениците од проектот “Скопје 2014” се водени транспарентно и пред се според законите.




