Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска, во седиштето на Социјалдемократскиот сојуз, се сретна со претседателите и со членови на новоформираните партиски организации на СДСМ во Италија и Швајцарија, соопшти СДСМ.
Претставниците на трите организации на СДСМ во дијаспората, од кои две во Италија и една во Швајцарија, се во Скопје на состанок со претседателот на СДСМ Заев и партиското раководство.
“Среќен сум што токму вие сте дел од историскиот момент на СДСМ. Вие ќе бидете нашите носечки столбови надвор од државата, во промоцијата на мерките и политиките на СДСМ, со цел успешна и просперитетна Република Македонија”, им се обрати на присутните претседателот Заев.
Патриотските чувства се манифестираат со подобрување на животот на сите граѓани на државата. “Среќата ќе ни дојде кога ќе се поврземе економски со глобалните пазари”, порача претседателот Заев.
На средбата стана збор за стратешките политики и приоритети на СДСМ, економски стабилна Македонија, членка на Европската Унија и НАТО. Беа дискутирани и дел од предлог мерките во новата Програма на СДСМ за враќање на средната класа, како единствена можност за излез од катастрофалната состојба во којашто се наоѓа државата и граѓаните на Република Македонија.
СДСМ во својата Програма има предвидено и мерки за подобрување на условите за инвестирање на дијаспората во Македонија, наспроти партиската злоупотреба на дијаспората што сега ја прави актуелната власт, посочи Заев.
Присутните претставници го поздравија потегот на СДСМ за формирање партиски организации на Социјалдемократскиот сојуз во Европа и светот, вели СДСМ во партиското соопштение.




