Најмалку десет луѓе загинаа утрово во експлозија на тролејбус во центарот на Волгоград, вториот бомбашки напад во овој град на југот во Русија за два дена, јавува РТ.
Сообраќајот е во колабс, а повредени се 25 луѓе, меѓу кои едно дете кое е во критична состојба. Нападот се случил во момент кога луѓето оделе на работа.
Експлозијата се случи само еден ден откако една жена-самоубиец го активираше експлозивот на главната железница во Волгоград, кога загинаа 15 луѓе, а десетина беа повредени.
Жените – самоубијци во Русија ги нарекуваат „црни вдовици“ тоа се најчесто жени кои на тој начин им се одмаздуваат на Русите за смртта на своите блиски во Чеченија.
Рускиот претседател Владимир Путин наредил да се засилат безбедносните мерки на железничките станици и на аеродромите.
Нападите се случуваат 40 дена пред почетокот на Зимските олимписки игри во Сочи на брегот на Црното море.