Здравство и социјала како милостина“ е фељтон на новинарката Менче Атанасова Точи кој НОВА, го објавува во продолженија, а е дел од публикација „Македонија од Букурешт до Преспа – Сведоштва на едно време: Македонија 2008-2018“ во издание на ФООМ. Тоа се сведоштва кои говорат за едно време-невреме кое во колективната меморија ќе остане запаметено како темно, кога Европа нѐ етикетираше како „заробена држава“ , a ќе го паметиме како „загубено време“
Пишува: Менче Атанасова Точи
Паралелниот увоз на лекови
Претходната власт го смени дури и Законот за лекови за да може да увезува евтини лекови од трети земји, за кои не се знаеше од каде доаѓаат, ниту како се чувани. Паралелниот увоз на лекови во Македонија почна да се применува во 2013 година под изговор дека на таков начин ќе се урне цената на лековите. Тогашниот министер за здравство, Никола Тодоров, најави дека со ваквиот увоз на лекови секоја веледрогерија може да изврши увоз на лек кој е веќе регистриран во земјата, без разлика дали лекот е увезуван и има одобрение за увоз за друга веледрогерија.
Најевтините лекови започнаа да влегуваат токму од Турција, земја во која што паралелниот увоз на лекови е забранет и не постои закон што ќе го регулира тоа. Веледрогериите кои ги увезуваа лековите немаа увид дали тие се безбедни бидејќи немаат директен контакт со странските производители, туку само со веледрогеријата извозник од Турција и не се знаеше како се чувани и транспортирани, дали е запазен ладниот ланец.
Граѓаните често се жалеа дека некои лекови не делуваат, а особено дијабетичарите реагираа за инсулините. На тоа беше одговарано дека сè е во ред и дека се создава непотребна паника. Со увозот на лекови преку паралелен увоз на контото на одредени веледрогерии се натрупаа милиони евра, а граѓаните добиваа небезбедни лекови. Од Асоцијацијата на странски компании за иновативни лекови Фармабренд, изразија сомнеж дека 40 проценти од лековите кои влегуваат во државата се фалсификувани и тврдеа дека, и покрај пријавите од пациенти, лекари и аптеки, Агенцијата за лекови
не реагирала.
„Пријавени се и несакани ефекти на лекови увезени од Турција, за кои со дополнителна анализа е утврдено дека се фалсификати“, тврдеа од Фармабренд во 2017 година.
И тогаш, серијалот од истражувачки стории на веб-порталот НоваТВ откри фрапантни податоци кои се криеле со години. Имало фалсификувани лекови, несакани реакции кај пациенти, биле откривани лекови со етикети од турскиот фонд за здравство со имиња на турски пациенти, згужвани амбалажи, кутии на кои пишува име на еден лек, а внатре е сосема друг лек.

На Клиниката за детски болести во една серија на лек за ретки болести се откриени 11 шишенца со фалсификуван лек, во кои имало прашеста материја за која анализите во странска лабораторија покажале дека се работи за супстанца која се користи против труење со железо и алуминиум. Две млади пациентки за малку ќе завршеа фатално од лекот кој им бил даван интравенозно. Тодоров призна дека знаел за овој случај, кој бил пријавен и за кој ОЈО покренало истрага, но тврдеше дека „новинарските истражувања се црна кампања која си игра со чувствата на граѓаните“.
На тендер во Министерството за здравство добил дури и лек од кој во САД имало 40 смртни случаи, но увозот навреме бил спречен од директорот на Клиниката за онкологија. Сомнителни лекови за рак на дојка на кој им бил покриен баркодот со етикета на турскиот фонд за здравство, биле откриени на Клиниката за онкологија. И покрај ова, паралелниот увоз се одвивал непречено и без контрола.
По истражувањето на НоваТВ, ОЈО во ноември 2017 година отвори истрага за паралелниот увоз на лекови. Серијалот написи покажа како била злоупотребена власта, како биле манипулирани граѓаните, како се богателе одредени фармацевтски моќници, како се носеле закони по желба на претходната власт со образложение дека со паралелниот увоз се намалува цената на лековите.
И, конечно, во јуни 2018 години пратениците ги изгласаа измените на Законот за лекови, според кои веледрогеријата мора да достави сертификат за анализа на квалитетот од самиот производител, како и сертификат од анализата на квалитетот на лекот од лабораторија овластена од надлежен орган на земјата производител на лекот или на земјата извозник на лекот. Иако паралелниот увоз остана, надлежните тврдат дека двата сертификата донесоа поголема сигурност во безбедноста и квалитетот на лековите.
Проектот „Мој термин“
Националниот систем за е-здравство („Мој термин“) започна во 2011 година како систем за управување со листи на чекање, и тоа како пилот-проект за внатрешна употреба во три јавни здравствени установи: Клиника за радиологија, Клиника за хируршки болести и Градска општа болница „8 Септември“. Проектот „Мој термин“ беше осмислен да внесе ред во закажувањето. Во тој период имаше долги и нетранспарентни листи за чекање за магнетна резонанција, компјутерска томографија, мамографија и операции, каде што се чекаше со месеци.
„По имплементација во овие три јавни здравствени установи, донесена е одлука системот да се прошири, но и да се модифицира, односно да започне да функционира како систем за закажување на сите прегледи, а дополнително сето тоа проследено со воведување на електронска евиденција преку воспоставување на модули за работа на лекарите. Дополнително, каде и да оди пациентот, секој лекар може да го види неговото медицинско досие и какви лекови прима, за да може соодветно да донесува одлуки за промена на терапијата“, вели Жаклина Чагоровска од Управата за електронско здравство.
Таа смета дека со воведувањето на системот времето на чекање за закажување било драстично намалено.

„Причина за тоа е што повеќе немаше двојно внесени и нереални пациенти и можеше да се дефинира минималното работно време по медицинска опрема и лекар. Во 2013 година е пуштен во употреба новиот надграден систем за евиденции во здравството, популарно наречен „Мој термин“; оттогаш секоја година системот се надградува со нови модули, проширувајќи го доменот на имплементација во областите на здравствената заштита, превенцијата и јавното здравје. Денес „Мој термин“ е централизиран систем за е-здравство кој создава и чува податоци и информации поврзани со здравствената заштита“, вели Чагоровска.
Сепак, системот „Мој термин“, покрај придобивките донесе и многу проблеми, особено во првите неколку години откако започна да функционира. Често се случуваше системот да „падне“, со што се создаваше метеж пред шалтерите и пред ординациите. Времето за преглед на пациентот најчесто се наведува како еден од крупните пропусти на овој систем, како и тоа дека системот не дозволува лекарот да му се посвети на пациентот со доволно внимание за сметка на административната процедура која е предолга.
Изградбата на новиот Клинички центар – пропаднат проект на претходната власт
Еден од најголемите проекти, изградбата на новиот Клинички центар кој требаше да никне на влезот на комплексот клиники „Мајка Тереза“ не се реализира, ниту се даде отчет за потрошените средства. Темелите беа ставени на 2 јануари 2014 година, камерите снимаа кога Груевски и Тодоров фрлија земја со лопатите и толку. Оттогаш ниту градежна механизација ниту работење на мајстори не се слушнаа на просторот каде што требаше да биде лоциран грандиозниот објект за кој беше добиен кредит од
70 милиони евра од Банката на Советот на Европа.
Тогашната власт најави дека оваа најголема инвестиција во здравството ќе биде готова на почетокот на 2017 година.Наместо тоа, на местото остана само дупката што ја ископаа багерите. Идејното решение го изработи италијанската проектантска куќа Арен СРЛ и за тоа доби 1,3 милиони евра. Во 2015 година беше обелоденето (од истражувањето на веб-порталот НоваТВ) дека архитектот од италијанската фирма Арен СРЛ, која го доби тендерот за изработка на главниот проект, бил вмешан во серија корупциски скандали во Италија пред една деценија и бил двапати апсен во неговата држава за работи поврзани со проектирање на болници во Италија.
Како и зошто се дозволило да биде склучена зделката со таа фирма тогашната власт никогаш не одговори. Во октомври 2016 година беше објавен нов тендер за изградба на Клиничкиот центар. Но, отворањето на понудите на 5 декември не се случи, а Министерството за здравство го одложи изборот за најдобар изведувач на работите. Новиот рок кој си го зададе тогашната влада беше изградбата да биде во наредните пет години. Тогаш стана јасно дека од изградбата на новиот Клинички центар нема да има ништо.
По смената на власта еден од приоритетите беше да се одлучи каде ќе се гради новиот Клинички центар. Во март 2018 година Владата одлучи тоа да биде локацијата во близина на Злокуќани, но поради нерасчистени имотно-правни работи со земјиштето во февруари 2019 година ја промени одлуката и најави објектот да започне да се гради на почетокот на оваа година во Општина Ѓорче Петров, на локација со државно земјиште. Работите се развлекоа и од тоа се уште нема ништо.







