Втор ден по ред не доаѓа ниту еден сведок кој го има предложено одбраната на првообвинетиот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски. Отсуството на сведокот Дејан Панделески во случајот „Рекет” го одложи денешното рочиште за овој предмет, каде обвинети се Бојан Јовановски и Катица Јанева. При образложение на оваа одлука, судијката Васка Николовска-Масевска рече дека Панделески, не е пронајден на адресата доставена од одбраната, односно адресата била од работното место на сведокот од каде известиле дека тој е на службен пат. Следното рочиште е закажано за 3-ти март.
Воедно, судечкиот совет информира дека рочишта за предметот „Рекет“ се закажани до 10 април. Според редоследот на рочиштата, судењето ќе продолжи и во тек на изборна камапања за предвремените парламентарни избори закажани за 12 април.
Вчерашното рочиште за „Рекет“ беше одложено за денеска поради отсуство на поранешниот градоначалник на Општина Центар и бизнисмен Владимир Тодоровиќ, кој треба да сведочи на предлог на одбраната на првообвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13. Тодоровиќ е еден од 12-те предложени сведоци од обвинетиот Бојан Јовановски.
Одбраната на Бојан Јовановски понуди куќа во вредност од близу 100.000 евра и локал во вредност од 50.000 евра како гаранција на барањето да му се укине мерката притвор каде што тој е веќе седум месеци. Одбраната се жали на последното решение за притвор кое истекува на 8. март. Адвокатот Сашо Дуковски повторно до судот во Апелација повтори дека Јовановски поради здравствени причини треба да добие поблага мерка.
На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3-ти декември минатата година, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина за делото „примање награда за противзаконито влијание“, по што беше осуден на три години затвор.




