Скопјани ќе добиваат парно греење или само до 21 часот или до 23 часот ама на сметка на „Балкан енерџи груп“. Регулаторната комисија за енергетика го одби барањето на компанијата периодот за испорака на топлинска енергија да се продолжи за два часа. Од комисијата пресметале дека на тој начин сметките на граѓаните би се зголемиле за 9 отсто.
Според одлуката, БЕГ ќе може да испорачува топлинска енергија и по 21 часот, но како и до сега, нема да смее да ја наплатува така што сега се е во рацете на енергетската компанија.
Правилникот за снабдување со топлинска енергија предвидува дека БЕГ има обврска да испорачува греење од 6 до 21 часот. Според пресметките на регулаторната комисија, доколку овој термин се продолжи за два часа, годишните трошоци за парно греење на стан од 60 квадрати би се зголемиле за речиси 4.000 денари.




