Маја Блажевска, 14 годишното девојче кое од 12 Ноември минатата година се водеше за исчезнато починала од хипертермија, односно смрзнување на Илинска планина, потврдуваат наодите од обдукцијата.
-На безживотното тело не се забележани траги на насилство. Според досегашните информации со кои располагаме од обдукцискиот наод, најверојатно, причините се хипотермија или губење на телесната топлина како резултат на подолготрајна изложеност на екстремно ниските температури кои владееле на тоа подрачје, велат од охридската полиција.
Полицијата завчера пронајде човечки труп во фаза на распагање во атарот на охридското село Велмеј, а телото во јавноста се поврза со исчезнувањето на 14 годишната Маја Блажеска од селото Лешани. Денеска обдукцијата и официјално потврди дека телото е на Блажеска.
Исчезната Маја Блажеска последен пат била видена на 12 ноември годинава кај селото Велмеј, истото село каде што сега е најден безживотниот труп. Оттогаш на Маја и се губи трага, а таткото ја пријавува во полиција за исчезната.
Ова не беше прво исчезнување на 14-годишната Маја Блажеска. Претходно таа побегна во Скопје и беше пронајдена кај момче кое го запознала на Фејсбук, по што полицијата ја врати дома. По второто исчезнување во потрагата по Маја се вклучи и Интерпол.
Се уште нема одговор што правело малолетното девојче во тој реон и кои настани довеле до нејзината смрт од смрзнување.




