Таткото на починатата Маја Блажеска не верува дека неговата ќерка сама си наштетила себеси, туку дека на планината е однесена од некого и убиена.
– Не може самата да се качи на планината толку далеку од селото. Не можам да поверувам дека таа самата си наштетила. Беше заведена. Мојата ќерка Маја е убиена и фрлена на планината, изјавил за Дневник, Ристе Блажески таткото на четиринаесетгодишната Маја чие тело во распаѓање беше пронајдено на планината, 10 километри од селото Велмеј.
Од ноември лани кога малолетната Маја побегнала од дома, се до првите денови од јануари кога ловџии го пронајдоа безживотното тело на девојката, не е знаеше каква е нејзината судбина. Мистерија останува нејзиното исчезнување.
Во охридските села сите се прашуваат дали Маја е убиена, дали била жртва на измамник што ја намамил преку социјалната мрежа „Фејсбук“ или, пак, бегајќи од дома, залутала и се смрзнала на планината.
Продавач во селската бакалница вели дека ја познавал Маја.
– Многу е тешко од селото да стигне до местото каде што ја нашле, 10 километри низ шума.
Учеше тука во Велмеј и беше одлична ученичка, паметно девојче, кое беше мирно и повлечено. Многу беше блиска со баба си, се сеќава тој пред репортерската екипа на Дневник.
Медиумите за Маја дознаа пред неколку месеци кога таа првпат побегна од нејзиниот дом во Скопје, но набргу беше пронајдена.
Таткото се сомнева дека таа е измамена. Не го знаат вистинскиот идентитет на момчето со кое првиот пат побегнала. Незнаат дали тој навистина имал 22 години, дали бил од Скопје, како и фактот што првпат Маја рекла дека се вика Тони или Антонио, а потоа Рамадан.
Родителите велат дека Маја не била боса кога исчезнала, дека ги немало чизмите, марамата и атласот со кој излегла од дома. Со голема болка се сеќаваат на денот кога последен пат ја виделе, во ноември.
– Утрото ми рече дека го спрема ранецот за училиште и ми рече да одам по печурки. Во меѓувреме ја заклучила својата мајка во соба и побегнала. Kога се вратив во куќата, веднаш и ѕвонев на мобилниот, но беше недостапна. Kога конечно успеав да ја добијам, ми рече: Бабо, бегам, бегам во Бугарија – се сеќава Милица.
Тогаш го исклучила телефонот по што не била достапна. Телефонот бил пронајден во нејзината чанта.




