Државата се нафатила со еден многу чуден, многу контроверзен, многу спорен проект за создавање на ново културно наследство, за сметка на старото коешто веќе постои, вели во интервју за Радио Слободна Европа Донка Барџиева Трајковска, универзитетски професор и претседателка на Центарот за заштита на културното наследство.
Преку нејзината изложба таа преку фотографии покажа каква е состојбата не терен со заштитата на културното наследство.
-За жал, веднаш по затворањето на изложбата, кога ги демонтиравме експонатите, првата вест што ја слушнавме беше пожарот во манастирот Трескавец. Тоа е уште една работа што само ја комплетираше сликата за лошата состојба на културното наследство, меѓутоа овојпат во многу драстични размери. Годината ја завршивме исто така со кражба на вредни артефакти од Музејот на Македонија, кои, пак, од друга страна, говорат за тоа како се грижиме и како функционираат институциите во однос на чувањето и презентирањето на она што значат движни артефакти, затоа што исчезнаа многу драгоцени примероци на накит.
Мислам дека овие два примери за една сериозна држава би требало да значи дека надлежните институции конечно треба да почнат, во случајов надлежното Министерство за култура, да преземат радикални мерки, односно да преземат чекори, најнапред за сондирање на состојбата во институциите и во однос на примената на законот и на подзаконските акти и конечно уште еднаш да ја проверат состојбата на теренот и врз основа на приоритети, според степенот на загрозеност и на вредност, да изготви листа на објекти коишто би биле од национално значење и би биле финансирани барем во она што значи национална програма. Една година по изложбата состојбата драстично се влошува секојдневно.
Целото културно наследство е во опасност, целото е загрозено, вели Барџиева.
-Македонија како држава најмногу е препознатлива по сакралното културно наследство, значи по нашите средновековни византиски цркви, којшто се антологиски дела и се буквално публикувани во сите енциклопедиски изданија каде се третира византиската уметност. Најзагрозени во моментов се токму овие бисери на византиската уметност. Ако се обидуваме да направиме некаква приоритетна листа, прва би била црквата Света Богородица Перивлепта во Охрид, или црквата Свети Климент од 13 век, веднаш потоа црквата Свети Ѓорѓи во Старо Нагоричане, не во помалку лоша состојба е секако Архангел Михаил во Лесново, односно Лесновскиот манастир.
Сега во последните години она што нас особено ни го привлекува вниманието и говори за континуирано пропаѓање е ремек делото на византиската уметност од 12 век, тоа е живописот во црквата Свети Ѓорѓи во Курбиново. Ние во последните две години интензивно ја следиме состојбата на овој објект. Секој ден, секој месец, процесите кои таму веќе се предизвикани во однос на архитектурата го загрозуваат во голема мера и фрескоживописот и тука се неопходни итни мерки.




