Православните христијани денеска го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божиќ. Бадник ќе биде одбележан со собир пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски“.
Според традицијата, свештениците ќе ги осветат бадникарските гранчиња кои кумот и здравичарот сами ги набрале, како и нафората, чајот и ракијата што ќе се делат бесплатно на присутните. Точно во 11 часот г.г.Стефан со пригодна беседа ќе им се обрати на присутните скопјани и ќе му го предаде ќупот на новиот кум на бадникар. По ова се крши погачата со златна паричка, а според верувањето тој што ќе ја добие ќе има среќа во текот на целата година.
Новиот кум, бадникар заедно со семејството ќе замине со пајтон од пред платото на Соборниот храм.
Семејството на Бадник се собира на заедничка вечера и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Се прави богата, посна трпеза. На масата се става риба, гравче, посна сарма, лепче со паричка. Се верува дека кај оној член од семејството каде што ќе падне паричката ќе има среќа цела година.
Се меси погача, а во некои места се прават зелници во кои се става паричка. Се верува дека оној кај кого ќе падне паричката ќе го следи среќа во текот на целата година.
Денеска во утринските часови во многу куќи се слушаа гласови на деца коледари, кои со коледарските песни за здравје и бериќет пеат пред вратите. Домаќините им даваат костени, ореви, јаболка, колачиња, за да го зачуваат овој обичај кој се пренесува од колено на колено.




