Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска денеска го претстави првиот дел на мерки за помош на стопанството за време на епидемијата на КОВИД-19.
„Македонската економија нема да остане имуна на последиците од коронавирусот. Во изминатите неколку дена економскиот тим на Владата, во консултација со стопанските комори и експерти од различни области, правевме анализи и дојдовме до првиот сет мерки. Ќе ги балансираме ликвидноста на компаниите и ликвидноста на државата“, кажа Царовска на прес-конференција во Владата.
Меѓу нив, следува директна финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија. На располагање се 5,7 милиони евра за компании кои имаат проблеми со ликвидност преку кредити на Македонската развојна банка- тоа се бескаматни кредити од 3.000 до 30.000 евра, со грејс период од 6 месеци и рок на отплата 24 месеци.
Освен тоа, Царовска кажа дека Владата препорачува во погоните кај што работата поголем број работници да се реорганизира работата во четири смени за да се намали бројот на директно изложени работници и да се дезинфицираат редовно погоните.




