Претседателот на СДСМ, Зоран Заев заедно со неговата заменичка Радмила Шеќеринска, денеска во Брисел ќе се сретнат со комесарот за проширување на Европската унија Штефан Филе. Портпаролот на Европската комисија Петар Стано ја потврди информацијата за средбата.
-Ова е дел од константните и тековни контакти што комесарот Филе ги има со сите учесници и засегнати страни од земјите во неговото портфолио. На агендата на комесарот не гледам дека ќе има друг состанок со политичари од БЈР Македонија во следните неколку денови, но дефинитивно ќе има повеќе во текот на оваа година, која ќе биде многу интензивна изјави Стано.
Комесарот неодамна имаше средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети а се среќава редовно и со премиерот Груевски. Средба со лидерот на опозицијата немало уште од времето на Бранко Црвенковски па е сосема нормално да дојде и до запознавање со неговиот наследник.
Иако не се откриваат детали за темата на разговорите, НОВА од свои извори дознава дека на средбата ќе се разговара за актуелните настани во Македонија по декемврискиот самит како и чекорите на владата кои Брисел внимателно ги набљудува.
Средбата се одржува на барање на комесарот Филе.




