Шпанскиот оперски пејач Пласидо Доминго соопшти дека е заболен од коронавирусот. Веста за позитивниот тест ја сподели на социјалните мрежи и апелира да се остане дома и да се почитуваат препораките на надлежните служби и на Светската здравствена организација (СЗО).
„Чувствувам морална обврска да кажам дека сум позитивен на коронавирусот. Во самоизолација сум со семејството и ќе останеме дома се додека лекарите не кажат поинаку. Моментно сум добар, меѓутоа има симптоми на кашлица и треска. Бидете внимателни, следете ги основните упатства, често мијте раце, бидете барем шест стапки зад другите и ако можете останете дома. Само со заеднички сили можеме да се избориме со оваа светска криза и да се вратиме на нормалниот живот“, напиша Доминго на својот Фејсбук профил.
Според последните информации, во Шпанија има над 28.000 заразени лица со коронавирусот од кој починаа 1.720. Во тешка состојба се наоѓаат 1.785 лица, додека досега оздравеа 2.575.