И покрај вонредните околности предизвикани од ситуацијата со коронавирусот, особено цениме што ЕУ најде време и волја веродостојно да оддаде признание за досега сработеното, порача шефот на дипломатијата Никола Димитров, на пресконфренцијата со техничкиот премиер Оливер Спасовски и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.
„Северна Македонија по 15 години во чекалната како кандидат и по разочарувањата во јуни 2018, јуни 2019 и октомври 2019 година, конечно го поминува прагот и ќе може да ја започне следната заслужена фаза од својот европски пат. Северна Македонија конечно и безусловно ги започнува преговорите за членство во Европската Унија! Советот недвосмислено ќе потврди дека остваривме опипливи и одржливи реформски резултати во однос на реформите“, изјави Димитров.
Северна Македонија, дополни тој, конечно и безусловно ги започнува преговорите за членство во Европската Унија.
„Советот недвосмислено ќе потврди дека остваривме опипливи и одржливи реформски резултати во однос на реформите. Советот ја поканува Комисијата веднаш да поднесе предлог рамка за преговорите како и да ја започне неопходната подготвителна работа“, нагласи шефот на дипломатијата.
Првата меѓувладина конференција ќе биде свикана што е можно поскоро по усвојувањето на преговарачката рамка. Советот ја поканува Комисијата да го дозаврши скрининг процесот, започнувајќи со кластерот за фундаменталните вредности.
„Одлуката на Советот не дојде лесно ниту пак ни беше поклонета. Ние и вие заедно со макотрпна работа и жртвување ја одработивме и заслуживме шансата да покажеме дека му припаѓаме на европското семејство. Од сега натаму и ние ќе имаме почетна точка од кога ќе го мериме времето, од кога започнуваме позитивен натпревар со останатите во спроведување на реформите и усвојувањето на европските стандарди. И досега, но од сега па натаму уште повеќе од нас самите зависи“, порача Димитров.




