Вицепремиерот европски прашања, Бујар Османи, на утринската координација со земјите од ЕУ, добил инормација дека се обезбедени 70 милиони евра за помош на земјава за справување со корона вирусот што ќе се активираат во различни фази за здравствениот систем, а потоа и за помош на економијата. Османи ова го соопшти на денешната прес-конфренеција по повод согласноста на Советот за општи работи дека Северна Македонија треба да ги започне преговорите со ЕУ во најкраток можен рок.
„Тоа е потврда оти ЕУ не ни е партнер само на хартија, туку реален и навремен партнер особено во криза“, рече Османи.
Премиерот, Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање во однос на барањата земјава да биде приклучена во европскиот солидарен фонд рече дека „се што требаше да биде преземено од македонската Влада е направено, во постојана комуникација сме“.
„За неколку дена може да ја очекуваме и првичната помош. Активиран е делот од цивилната заштита. Значи сите активности што треба од страна на македонската Влада и ЕУ се преземаат се со цел заеднички успешно да се справиме со пандемијата“, рече премиерот Сасовски.
Премиерот Спасовски прашан што се презема во однос на активностите за добивање хуманитарна помош, како другите од соседството, Спасовски одговори дека многу работи прави и Владата и дека врши и сопствени набавки и обезбедува опрема.
„Имавме заштитна опрема на залихи, очекуваме и помошта од повеќе земји да стигне во земјава за неколку дена. Имаме и свои капацитети што се целосно подготвени за справување. Системот функционира, се што треба да прави Владата прави. Институциите работат со полна пареа, дајте и граѓаните да го направат вистинскиот чекор, а тоа е да останат дома, да помогнат на сите нас додека трае оваа криза“, порача Спасовски.




