Утре, на 9 јануари, официјално стапува на сила механизмот со кој ЕУ може да го воведе привремено визниот режим за балканските земји. Сепак, засега враќањето на визите не е на дневен ред бидејќи нема земја членка на ЕУ која побарала тоа да се направи.
Според овој механизам, визите можат повторно да се воведат за период од 6 месеци, период кој исто така може да биде продолжен. Но за да активира механизмот една или повеќе земји членки на ЕУ тоа треба да го побараат.
Во претходните две години бројот на “лажни азиланти” беше забележан во повеќе земји членки на како Германија, Белгија или Шведска. Според портпаролот на комесарката Сесилија Малстром нема посебно намалување на лицата од Балканот кои бараат азилантски статус без добри аргументи тоа да го оправдаат.
Според последните статистики во Белгија за 2013 година, која прва уште во 2010 година го уклучи алармот за балкански азиланти, тој број е намален за една четвртина. Причината за тоа најверојатно е реформата на процесот за добивање на азилантски статус кој донесе многу потешки услови за да се стане азилант.
Но во Германија очигледно расте бројот на азилантите. Германија имаше великодушен систем за азилантите со кој тие, во рок од неколку месеци, добиваа покрив над главата, храна, облека и пари. Овој систем беше укинат токму за да се обесхрабрат лажните азиланти да доаѓаат во Германија. Но Врховниот суд на земјата го врати овој систем кој им дозволува на барателите на азил да останат во земјата со финансиско покритие во период од 6 месеци.
Земјите членки на ЕУ со внимание ги следат бројките на балканските баратели на азил и доколку ситуацијата драстично се влоши може да се очекува активирање на механизмот. Најголем број баратели на азил беа регистирани од Србија и од Македонија.
Значителниот пораст кој може да ја натера ЕУ да го примени механизмот значи дека тој број треба да порасне за 50 отсто но може да биде и помал доколку една или повеќе земји членки оценат дека имаат проблем со барателите на азил. Според заштитната мерка на механизмот, визите можат да се вратат кога една земја е во тек на 6 месеци соочена со вонредна ситуацијата што таа земја членка не успева сама да ја реши.
При донесувањето на регулативата Европската комисија (ЕК) изрази надеж дека овој механизам е последната мерка што ќе дојде на разгледување доколку други мерки не дадат резултат.




