Во анализата направена од истражувачите од Универзитетот во Саутемптон се вели дека бројот на случаи на коронавирус во Кина би можел да се намали за 86% ако првите мерки, кои беа преземени на 20 јануари, беа спроведени две недели порано. Организацијата Репортери без граници која се повикува на ова истражување тврди дека врз основа на настаните во раните денови на кризата доколку медиумите не биле изложени на цензура наметната од кинеските власти, би можеле да ја известат јавноста многу порано за сериозноста на епидемијата, спасувајќи на тој начин илјадници животи како и избувнувањето на пандемјата.
Како пример се наведуваат настани од 20 декември кога е официјално соопштен првиот случај.
“Еден месец по првиот регистриран случај, градот Вухан веќе има 60 пациенти со непозната пневмонија слична на САРС, од кои неколкумина го посетувале пазарот на риби во Хуанан. И покрај ситуацијата, властите не сметеле дека е соодветно да ги пренесат овие информации до медиумите. Доколку властите не ја сокриле од медиумите информацијата за постоењето на појава на епидемија, поврзана со многу популарен пазар, јавноста би престанала да го посетува ова место долго пред официјалното затворање на 1 јануари” се наведува во соопштението објавено на веб страната на организацијата Репортери без граници.
Во соопштението како илустрација се наведува и настан од 30 декември кога е уапсена група на доктори под обвинение дека шират лажни вести.
“Директорот на одделот за итни случаи во Централната болница во Вухан, Аи Фен и група лекари започнале да предупредуваат дека станува збор за „коронавирус сличен на САРС“. Осуммина од нив, меѓу кои и докторот Ли Венлианг, кој подоцна починал од болеста, ќе биде уапсен од полицијата во Вухан на 3 јануари со обвинување дека шири лажни вести. Доколку печатот и социјалните медиуми би можеле слободно да ги пренесат информациите дојавени од свиркачите на 30 декември, јавноста ќе знаела за опасноста и би извршила притисок врз надлежните органи да преземат мерки со кои се ограничува експанзијата на вирусот” се наведува во соопштението објавено на веб страната на организацијата Репортери без граници.
Како пример понатаму се наведува и следиот настан:
Кина официјално ја алармира Светската здравствена организација на 31 декември, но во исто време ја цензурира платформата WeChat така што пресретнува многу пораки кои содржат некои клучни зборови кои се однесуваат на епидемијата. Без цензура, социјалната мрежа WeChat, која има милијарда активни корисници во Кина, би можела да им овозможи на новинарите да пренесат информации кои би ја алармирале јавноста.
Според индексот за слобода на медиуми во светот кој редовно го истражува организацијата Новинари без граници на листата од 180 земји Кина е на 177 место.