„Секоја генерација има своја битка, нашите баби и дедовци се бора за слобода, нашите мајки и татковци за независност, нашата битка беше за држава членка на НАТО и Европската унија. Денеска нашата генерација ја запиша својата прва историска победа, денешниот датум 27 март, е датум кој ќе влезе во учебниците на нашата историјата. Тоа ќе биде датум на првиот голем успех на нашата независна и суверена држава. Таму ќе пишува дека на 27 март 2020 година нашата земја Северна Македонија стана 30. Членка на НАТО Алијансата“, рече Шекеринска.
Таа вели дека со посветена работа се успева и невозможното да се направи достижно, па затоа сега, по речиси 30 години чекање, нашата земја влегува под чадорот на колективната безбедност кој штити милијарда луѓе во светот.
„Велеа не можеме да ги решиме проблемите со соседите – ги решивме. Велеа невозможно е да го вратиш назад урнисаниот демократски капацитет на нашата земја – го вративме. Велеа дека светот не сака да нè види како дел од меѓународната заедница, меѓутоа, станавме дел од 30-те кои се водечка, одбранбена, стратегиска и политичка сила во светот. Денеска сме членка на НАТО и денеска сме држава која веќе почнува преговори со Европската Унија. Велеа немаме армија за НАТО – ја направивме и го вративме достоинството на армијата и покажавме посветена грижа кон припадниците на армијата и тоа сега е НАТО-армија“, рече Шекеринска.




