Интервју со Абдулменаф Беџети, академик- за најавените економски мерки од страна на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Беџети нуди прецизни решенија и мерки како да се справи Владата со кризата.
Секуловска: Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во име на СДСМ, предложи повеќе економски мерки кои Владата требало да ги усвои, како одговор на последиците од пандемијата Ковит-19. Која е вашата првична оценка?
Беџети: Генерално е добро што има иницијатива и креативно мислење за начините како да се справиме со пандемија и преку економија. Но, мислам дека тие кои се носители на институциите и тоа со највисок ранг, мерките треба да ги дизајнираат во институциите, базирани на анализи и истражувања, а не во политичките центри. Политичките центри, особено во изборна година, за вакви конкретни мерки создаваат анимозитет и спротивставеност што во вакви услови на вакви кризи, а приори им наштетува на самите мерки.
Ова треба да го знаат предлагачите за да водаат сметка за инклузивност на сите страни кога посакуваат успешност на некои мерки. За жал, ние како општество не сме се уште созреани за да реагираме конструктивно кон добрите мерки, поважно е од каде доаѓаат, отколку какви се предложените мерки.
Познавајќи ја оваа политичка култура, сметам дека и некои добри мерки можеби нема да се прифатаат само заради каналите од каде доаѓаат.
Секуловска: Значи ли тоа дека некои од даночните мерки што ги предлага, засега, СДСМ не се потребни?
Беџети: Ако мислите на ,,пакетот на 15 мерки,, од 22 Март, таму не видов некоја мерка од даночна природа. Од оваа природа, барем јас не видов во сајтот на СДСМ.
Секуловска: Каде треба да биде ставен акцентот на економските мерки?
Беџети: Јас заедно со другите економски експерти кои беа поканети во владата на 21-ви Март, ги изнесовме размислувањата. Околу четири сата внимателно не послушаа премиерот заедно со министрите од ,,економски сектори,,. Лично мислам дека најпрво треба да се направаат темелни анализи на состојбите и во конкретни сектори, па и кај конкретни економски агенти да се дизајнираат мерките динамично и сразмерно со состојбите.
Секако приоритет над се е здравствениот систем и јавното здравје. Потоа да се оди кај најранливите групи од социо-економски аспект но и од економско-финансиски аспект. Тука приоритетот би бил по редослед на мерки на владата (институциите)- на тие на кои им е оневозможена работа поради пандемијата почнувајќи од угостителство и туризам, гастрономија, транспорт и услуги поврзани со транспорт, трговија (освен со храна и лекови), земјоделие, образование, култура, спорт…итн.
По големина на економските агенти, веднаш, почнувајќи од состојбите на 10 март, најпрво кај микро и малите претпријатија, па можеби од април и кај средните претпријатија. Најважно од се е субвенционирање и поддршка на ликвидноста заради верижниот импакт во целата економија.
Најефикасните мерки се од фискалната сфера и покрај тоа што просторот е многу тесен (потрошен во минатото со дуплирање на јавниот долг од 2009 до 2016 год.), потоа монетарните политики но со голема внимателност и координирано со НБРМ (без никакво наметнување), како и ценовните политики преку ,,етатизирање,, на формирање на цени на стоки и услуги кои се поврзани со пандемијата.
Секуловска: Најавата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за лиенарна исплата на минималец во администрацијата доведе до бурни реакции во јавноста, која протестира дека станува збор за апсолутно неправедно решение, затоа што: 1. Има административци кои не одат на работа со години, а земаат плата
2. Освен тоа, станува збор и за административци, политичари, функционери, директори, пратеници, кои претходно земале исклучително големи плати, и практично, тие се во привилегирана положба- доволно е да имаат заштеда и да не почувствуваат воопшто промени во стандардот, додека првата категорија ќе биде уште повеќе финансиски осиромашена и понижена
Беџети: Идејата на г. Заев е солидарноста пред ефикасноста и ефективноста. Меѓутоа ако солидарноста се наметнува во стилот ,,доброволно со сила на декрет-закон,, тоа не солидарност туку е атрибут на ,,вонредно оданочување,, во вонредни околности! Мислам дека јавната администрација со плати до просечната плата во СРМ не би требало да биде таргет на наметната солидарност.
Доколку економската моќ на оваа категорија на вработени во јавна администрација биде поткрепена со други економски параметри, не само на алтернативни и секундарни приходи, туку и богатство, тогаш тоа е друго. Сакам да кажам дека социо-економската состојба на овие вработени треба да се пресликува преку нивните вкупни приходи и богатство, што е тешко да се утврди фактички, бидејќи нашиот даночен систем е претежно е базиран на самопријавени вредности а не на пазарно утврдени вредности, тогаш и нема да биде ниту праведна ниту пак ефикасна оваа мерка.
Инаку, различните фактори кои вие ги наведувате за различна позиција на јавната администрација уште повеќе го доведува во прашање оваа решение. И покрај тоа што предлагачите не ги покажаа пресметките за ,,заштеда,, од оваа мерка, тоа не тешко за утврдување, еве сосема апроксимативно. Ако се исклучува секторот здравство (со околу 25 илјади вработени), полиција (со над 11 илјади) и армија (со некаде над 6.000 илјади), се работи за вкупно одземени околу 42 илјади со што ќе останаат околу 100 илјади кои би биле 2 месеца тангирани со оваа мерка.
Ако претпоставуваме дека тие во просек ќе добиваат помалку околу 200 евра месечно, тогаш испаѓа дека за два месеца заштедата би била околу 40 милиони евра, што не е за потценување. Само ефектот од даночната прогресија (18% стапка кое зафаќаше околу 25.000 даночни обврзници со над 90,000 денари месечно) на годишно ниво, беше околу 25 мил.евра, мерка која беше суспендирана за три години, токму поради притисокот на побогатите, преставени преку стопанските асоцијации.
Ако сакаме наметната солидарност, јас би предложил за оваа година да се врати даночната прогресија со ист или малку зголемен праг од 90.000 денари/месечно ама со дупло повисока стапка на прогресија (околу 25%). Според податоците на распоред на доходот во Р.Северна Македонија во 2019 година, 1% од популацијата зафаќа 14,5% од вкупниот доход, процент кој што е дупло повисок од просекот во ЕУ земјите, освен В.Британија (која и веќе не во ЕУ со 13,9%). На пример, еднаква распределба во ЕУ земјите е кај Белгија со 6,2% проследен од Скандинавските земји- како Данска, Шведска и други, ама таму највисоките маргинални стапки одат дури и над 55%.
Е, па, затоа кај нас џини коефициентот (мерка на статистичката распределба која најчесто се користи за мерење на нееднаквоста на распределбата на приходите или за мерење на нееднаквоста на распределбата на богатството- моја забелешка) е толку повисок, дури над 10% повисок од просекот во ЕУ.
Секуловска: Сметате ли дека земање на кредити од страна на фирмите без камата може да биде праведна мерка, доколку кризата трае подолго од пропишаниот рок за исплата на рати на тие кредити- во тој случај, колапсот на стопанството ќе доведе и до невозможност тие кредити да се платат
Беџети: Дефинитивно треба некакви порелаксирани мерки и од овој тип. Меѓутоа исто така се слагам дека таквото олеснување од една страна може да комплицира од другата страна. Знаете, економијата е равенка на многу индикатори кои се причинско-последично поврзани и корелирани, не секој пат во исти насоки, пропорции и интензитет.
Да не испадне како вели нашиот народ ,,ставејќи веѓи да не ваѓаме очи,, или пак за порамнување на нозете ,,не треба да се крати подолгата наместо да се продолжи пократката нога,,. Сепак, мерките на олеснување на кредитирањето како и до која мерка ќе се релаксираат и експандираат монетарните политики и мерки треба да и се остави на монетарната власт и банкарскиот сектор. Тука е опасно наметнувањето.
Оваа го подвлеков и дента кога дебатиравме во влада за економските антикорона мерки. За среќа, нашата монетарна институција (НБРСМ), како ниедна друга институција во државата, сите одлуки и решенија ги прави на основа на анализи, истражувања и моделирања во посебно специјализирано оделение за тоа.
Секуловска: Стравувањата кај граѓаните се однесуваат на најавеното замрзнување на кредити и кредитните картички, кои буквално, голем дел од нив, живеат, функционираат на тој начин. Стравот се темели на можноста кризата да трае подолго од пропишаниот рок за исплата на рати на тие кредити и картички и практично во многу краток рок да се предизвика финансиски колапс на мнозиството население.
Беџети: Најголемото отворено прашање е токму колку и со кој интензитет ќе потрае оваа пандемија. Тука секој пат сметајќи го и времето на трансмисија на ефектите, но и на интензитетот на стартирање на рѓосаниот зупчаник. Банките работаат со околу 85% туѓи средства (депозити на граѓани и компании). Тие имаат свој капитал околу 15%.
Доколку се создава чуство на недоверба, кое со голема мака се создаде, дури тогаш може да биде структурална економска криза! Ако една банка, не дај боже пропадне, може да повлече долг ланец на банкротирање на бизниси и семејства.
За краток период од 3-4 месеци, банкарскиот сектор може да поднесе и да го финансира реалниот сектор со одредени олеснети мерки за наплата, ама се дотогаш до кога не се создаваат редици на депоненти пред банки да ги повлекуваат своите заштеди. Затоа сепак апелирам и тука- Владата се подалеку прстите од монетарната власт.
Владата ги има на располагање (и покрај тоа со многу лимитирање) фискалните политики и таа само треба да ги координира со монетарните и ништо повеќе. Микс на монетарни и фискални политики кога се добро координирани, заедно создаваат поголем простор за маневрирање. Впрочем во никој случај не треба да ги повторуваме грешките од некоординирани микс политики во 2009-та година, поради крајно еспанзивните фискални политики и како одговор на тоа, рестриктивните монетарни политики, поради што стигнавме до историски највисока основна каматна стапка во последните две декади (околу 9%)!
Секуловска: Зошто не се наметнат мерки за солидарност на богатиот слој, на бизнисмените, како во европските земји- Макрон дури најави и национализација на некои приватни компании. Како компаративно може да се анализираат мерките на западните земји и најавите за Македонија?
Беџети: Не мислам дека сме дојдени до тој степен за да мислиме за конфискација, дури и не е добро тоа како идеја да се спомне. Ние немаме институционален капацитет за такво нешто. Не успеавме да конфискуваме огромни милиони од спомнатата корупција или пак од против правно стекнат имот и богатство, а треба да спомнуваме конфискација.
Не успеваме да ја намалиме сивата економија (која се оценува на над 30%, а мислам дека е повисока од тоа), а камоли да конфискуваме. Па сетете се за некои одредби од персоналниот данок по стапка од 70% на недеклариран приход, кога се направи некој напор за примена. Не сакам подолго да елаборирам оваа прашање за да не предизвикуваме дебати. Мислам самата идеја е штетна за една ранлива економија и општество.
Секуловска: Кои се реалните очекувања на движење на инфлација, која е многу веројатна- денарот е невозможно да се очекува да биде стабилен
Беџети: На краток рок, мислам дека нема потреба да се плашиме од инфлација, освен ако не се опуштаме на инфлаторно финансирање на буџетските потреби, што воопшто не мислам дека може да се случи. Покачувањето на некои домашни цени ќе се неутрализираат со енормниот пад на цените на нафтените деривати, така да засега не гледам некој ризик од овој аспект.
Состојбата на платниот биланс и девизните резерви, засега воопшто не преставуваат проблем за одржување на стабилен девизен курс. Девизните резерви на крајот на февруари изнесуваа околу 3 милијарди евра што е висина, скоро дупло поголема за финансирање на тримесечен увоз, како меѓународен стандард. Платниот биланс, ако потрае состојбата може да се влошува, ама не очекувам до тоа ниво и поради увозните цени.
Секуловска: Кои се очекувањата, колкави ќе бидат економските штети- краткорочно и долгорочно- кои се можните, реални пред се, сценарија за кризата?
Беџети: Без навреда на никого, само т.н. ,,народни економисти,, можаат вакви проценки да направаат. Богами има и такви кои не ги сметам сериозни за да ги коментирам. Едно е јасно дека, и под претпоставка дека кон крајот на април, ќе почне да смирува состојбата со коронавирусот, сепак штетите ќе бидат големи.
Оваа криза ни ги врзува рацете од двете страни на пазарот-и од страната на понудата (не можат да проработуваат капацитетите) но од страна на побарувачката (и да имате пари не можете да трошите). Од приходната страна на буџетот се проценуваат огромни потфрлувања кое не може да се надомести само со некоја донација и задолжување.
Европската Комисија, пред 10 дена проценила дека, доколку состојбата трае до крајот на јуни, во просек ќе се изгуби околу 2,5% од својот БДП (наместо раст од 1,5% проектиран негативен раст од околу 1%). Но сега не е врема да се занимаваме со тоа колку БДП ќе губиме, најважно од се е да не губиме човечки животи, сето друго ќе се надомести.
Секуловска: Дали очекувате печатење на пари, намалување на девизните резерви, користење на резерви во злато?
Беџети: Одговорив погоре. Засега, барем до јуни, лично сметам дека нема потреба да стравуваме од овие аспекти. Се ќе зависи колку оваа ќе потрае, впрочем и се ќе зависи од НАС и нашето однесување-како индивидуално така и институционално. Што построго и подициплинирано се однесуваме, пократко и со помалку последици ќе поминеме. Во оваа прилика, посакувам да апелирам до секој поединец, подобро на краток рок да бидеме дициплинирани, отколку на долг рок да патиме и платиме.