Подготвени се осумте автобуси со кои ги пречекуваме и превезуваме нашите сограѓани кои ни пристигаат од Берлин со летот во 17:00 часот, соопштија од Владата.
„Со дезинфицирана внатрешност, опремени со закуска и вода, возачи со целосна безбедносна опрема, обезбедуваме транспорт до хотелот Цар Самуил во Струмица, каде ќе бидат во следните 14 дена во задолжителен државен карантин. Им благодариме на сите колеги по институциите кои деноноќно и посветено работат на безбедно враќање на нашите граѓани дома“, велат од Владата.
На нашите сограѓани во карантин, нагласуваат од Владата, им посакуваме здравје и што полесно да го поминат карантинот, а до сите останати сограѓани апелираме да ги следат мерките за заштита и да останат во своите домови.
Во текот на вчерашниот ден пристигнаа граѓани од Меминген, Германија. Тие се поажалија на социјалните мрежи дека по слетувањето на скопскиот аеродром предолго седеле во автобусот без вода и храна, а не можеле да одат ниту во тоалет.






