Родилка од Куманово која вчера се породила на Клиниката за гинекологија е заразена со коронавирус. Тестови се прават за уште една родилка која била испратена од Охрид со мртво бебе во утробата, потврди за НОВА, министерот за здравство Венко Филипче.
На ГАК се сомневаат дека кај родилката од Охрид се работи за сепса и во моментот врз неа се врши хируршка интервенција (хистероктомија) од страна на три лекарски екипи. Жената била гојазна и со гној во утробата, а на ГАК била донесена со висока температура. Бебето веќе било мртво во утробата.
Кумановчанката, била донесена вчера со претходна најава од кумановската болница, по сите протоколи, внесена низ посебен влез и породена во изолирана сала, потврди директорката Викторија Јованосвка.
„По истекот на 24 часа денеска во 18 часот пристигнаа резултатите од тестовите и таа е пренесена на Инфективната клиника. Новороденчето е на интензивна нега бидејќи е породена со мал плод и пред време. И новороденчето ќе се тестира за да се види дали е заразено со коронавирус од мајката“, изјави а НОВА, Викторија Јовановска директорка на ГАК.
Таа вели дека ГАК е подготвена да прима родилки со Ковид -19, имаат изолирана родилна сала, посебен влез и изолиран дел за нив за да се заштитат сите останати пациентки.
„Пациентките доколку ја кажуваат вистината, не кријат дека се болни, ќе бидат навремено згрижени како што треба по сите упатства и нема потреба за загриженост за нивните бебиња бидејќи не е докажана верикална трансмисија. Со тоа се разбира ќе ги заштитат и другите родилки“, изјави Јовановска.