Ниту еден суд не бил во таков ризик да оди целосно во карантин, тврди во вечерашното интервју за Нова ТВ, министерот за здравство Венко Филипче, откако се појавија шпекулации во јавноста дека има заболени и во редовите на судиите кои потоа имале блиски контакти со свои колеги и на тој начин го довеле во прашање функционирањето на судскиот систем.
Тој ги демантира гласиштата дека, наводно, Судскиот совет, па и Врховниот суд треба да одат во целосен карантин, како и информациите дека такво нешто побарале самите тие.
„Правилата важат апсолутно за сите институции, секаде каде што е детектиран пациент епидемиолозите постапуваат според утврдениот протокол. Судовите исто како на пример болниците се места каде што циркулираат многу луѓе и во таа смисла има специфика во пристапот на епидемиолозите и идентификацијата на сите контакти кои би биле потенцијално доведени во корелација со некој кој би бил заразен. Се постапува на ист начин како во случајот со болниците, фабриките…“, вели Филипче.
Тој појасни дека институција не може сама да побара да биде целосно во самоизолација.
„Во рамките на една институција можеби имало примарни контакти кои што се од поголем ризик и на кои ќе им се препорача ограничување во движење односно самоизолацијаз и останат дел кои што немале примарни контакти и можат сосема нормално да функционираат во рамките на истата институција. Апсолутно секаде каде што е детектирано случај, секаде каде има индикација Центрите за јавно здравје спровеле соодветна акција во смисла на анкетирање, разговори и проценка на ризикот“, вели Филипче.




