Корисниците на Фејзбук од утрово споделуваат видео со исклучително вознемирувачка содржина во кое се гледа како двајца мажи тепаат млада девојка во влез на зграда.
Од коментарите кои се слушаат на видеото може да се претпостави дека девојката е изложена на брутално насилство поради тоа што рекла дека забременила со еден од двајцата насилници чии идентитети се препознатливи на видеото. Насилниците од неа бараат таа никогаш повторно да не го повтори тоа додека таа моли да престанат да ја тепаат.
Ова видео масовно се споделува на ФБ со остри осуди за чинот на насилството и апели до надлежните органи веднаш да превземат мерки против насилниците.
Според коментарите на ФБ станува збор за две лица од Штип чии идентитети се познати.
Заменикот министер за внатрешни работи Славјанка Петровска се јави со реакција на својата ФБ страница.
“Почитувани, на социјалните мрежи се споделува видео со навистина вознемирувачка содржина, кое содржи очигледни елементи на насилство. Ве известувам дека лицата се идентификувани, Бирото за јавна безбедност постапува. Постапува и Центарот за социјални работи. Најстроги санкции за ваквото нечовечко однесување” напиша Славјанка Петровска.
Редакцијата на НОВА не го пренесува ова видео поради исклучително вознемирувачката и насилничка содржина.




