Бидете спокојни, тестови има и постојано се набавуваат резерви, порача министерот за здравство, Венко Филипче, на социјалните мрежи, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 ТВ, рече дека има информации оти Министерството за здравство во моментов не располага со повеќе од 100 теста за опасниот вирус.
-Се чудам со каква леснотија Христијан Мицкоски ја лаже јавноста дека сме имале тестови за само еден ден. Џабе се бориме против лажни и неточни вести, ако претседателот на најголема опозициска партија свесно лаже и креира паника меѓу граѓаните, твитна министерот Филипче.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во интервјуто рече и дека до пред неколку дена се тестираа околу 400 лица на ден за коронавирусот, а сега резервите се доведени на минимум и со таа динамика Македонија има тестови само за уште еден ден.
Претходно и од Министерството за здравство го демантираа Мицкоски. Во моментот, информираа од Министерството, државата на располагање има 4.500 тестови, со неделно надополнување од 2.000 тестови, а се чека во секој момент да стигне донација од 20 илјади комплети за тестирање, кои се сосема доволни за потребите според вкупниот број на население во нашата земја. Од МЗ велат дека има и дополнителни 5.000 тестови – донација од приватна лабараторија од Скопје.




