Министерот за здравство Венко Филипче објави вечерва податоци според кои Северна Македонија располага со доволно тестови за коронавирус, така што според стапката на тестирања, сметано на милион жители, е втора во регионот, односно малку заостанува зад Хрватска.
„Моментно располагаме со 4.500 тестови, а резервите секојдневно се надополнуваат. Ја очекуваме и донацијата од 20.000 китови за тестирање, кои се доволни за потребите според вкупниот број на население во земјава“, објави Филипче.
Тој посочува дека анализите покажуваат дека со 2.362 тестирања сме втора земја во регионот, по Хрватска со 2.395 тестови, а според бројоката на спроведени тестови за коронавирус на милион жители.
„Имаме доволно тестови за да ги задоволиме потребите на нашата земја. Ова е одличен резултат, не само за бројката на тестови, туку и за целокупниот пристап кон идентификување на пациентите, нивните резултати и кластерите на заболени“, вели министерот за здравство.
Тој вчера доцна вечерта исто така преку социјалните мрежи им се обрати на граѓаните. Рече дека сите треба да бидат спокојни, дека тестови има и постојано се набавуваат резерви, откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 ТВ, рече дека има информации оти Министерството за здравство во моментов не располага со повеќе од 100 теста за опасниот вирус.
„Се чудам со каква леснотија Христијан Мицкоски ја лаже јавноста дека сме имале тестови за само еден ден. Џабе се бориме против лажни и неточни вести, ако претседателот на најголема опозициска партија свесно лаже и креира паника меѓу граѓаните“, твитна министерот Филипче.




