Тензиите поради корупциската афера што ја потресува Владата на Турција, ескалираа синоќа во Парламентот, кога дојде до физичка пресметка меѓу неколкумина пратеници, кои физички се пресметаа, но и се гаѓаа со папки и пластични шишиња со вода.
Инцидентот се случил за време на седница на Правната комисија на турскиот Парламент на која се расправало за владината Предлог- закон, со која се предвидува Владата да добие поголема контрола врз судскиот систем во Турција.
Опозициските пратеници, кои се противат на ваквото законско решение, реагираа дека се работи за противуставен закон, бидејќи се нарушува начелото на независност на судската власт од извршната.
Турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган се соочува со најголемиот предизвик во неговото 11-годишно владеење поради полициската акција во која под обвинеиие за корупција и перење пари беа приведени десетици државни функционери и бизнисмени блиски до Владата, вклучитално и синови на тројца министри.
Владиниот Кабинет на акцијата одговори со разрешување на стотина полициски началници под обвинеие за злоупотреба на функцијата, но опозицијата тврди дека тие се разрешени поради тоа што не ги информирале надредените раководни структури во Владата за подготовката на антикорупциската акција.
Ердоган изврши реконструкција на Владата, сменувајќи речиси половина министри и до Парламентот достави предлози за зголемување на наделжностите и на контролата на извршната власт над судството и полицијата.
Ердоган дури обвини и дека полициската истрага претставува „заговор против иднината и стабилноста на земјата“ и дека зад неа стојат „некои сили во странство“ кои работат за смена на неговата Влада.