Едно лице од Романовце, Кумановско, на возраст од 56-години почина како последица од инфекција со Ковид-19, потврди министерот за здравство Венко Филипче.
Лицето било хоспитализирано во болницата „8 Септември“ на 1 април, откако добил позитивен тест за корона. Тоа значи дека во последните 24 часа евидентирани се двајца починати, затоа што во текот на денот почина и маж од струшко Лабуништа на 63-годишна возраст, кој бил донесен со тешка клиничка слика на Клиниката за инфективни болести во Скопје, а имал сериозни коморбидитети, информираше министерот за здравство на денешната прес-конференција.
За 24 часа регистрирани се 72 нови случаи на коронавирус во земјата. Меѓу новозаразените е и двегодишно дете кое е во стабилна состојба.
Во моментов на Инфективната клиника се хоспитализирани 74 пациенти, 15 со тешка клиничка слика, 11 на механичка вентилација, другите пациенти се стабилни. Од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби со два контролни негативни теста, денеска заминуваат тројца пациенти, информираше министерот.




