На Инфективната клиника починаа тројца пациенти, примени 10 нови, осум се на механичка вентилација, а 10 заболени се со потешка слика. Во последните 24 часа има 15 нови регистрирани заболени со КОВИД-19, со што бројот се зголеми на 570
Починаа тројца пациенти , тоа се 40-годишен жител на Кочани кој немал познати минати заболувања, а бил примен на 29 март, и двајца тетовци, едниот 69-годишен човек кој имал тумор на мозокот и 65-годишен без познати други минати заболувања, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.
„На Клиниката за Инфективни болести и починаа тројца пациенти, пациент од Кочани, на 40-годишна возраст, пациент од Тетово на возраст од 69 години и пациент исто така од Тетово на 65-годишна возраст. Од Клиниката денеска заминуваат четворица пациенти, нивните два контролни теста на коронавирус се негативни. Од Дебар се стигнати резултати и на три лица кај кои по два теста се негативни на вирусот и се оздравени, а биле на домашно лекување во коориднација со локалната болница, рече министерот Филипче.
Во изминатите 24 часа се регистрирани 15 нови случаи на пациенти со коронавирус во земјава: четири во Скопје, осум во Куманово и по еден во Тетово, Струга и Штип. Со тоа вкупниот број на дијагностицирани се зголеми на 570.
На Инфективната клиника денес е примени 10 нови пациенти, со што вкупната бројка на хоспитализирани таму изнесува 70. Осум од нив се на механичка вентилација, а десет заболени се со потешка слика.
Во болницата во Битола каде што има еден пациент, во тек е трансфер на сите пациенти кои беа хоспитализирани во болницата во Охрид, откако беше одлучено Битола да биде регионален центар. Сите пациенти кои се транспортираат во Битола се од околината на Струга.
Во Штип се хоспитализирани четворица пациенти од кои тројца во сосема лесна клиничка слика и во стабилна здравствена состојба.
„Во ГОБ „8 Септември“ вчера се примени четири пациенти и за денес се чекаат резултатите, а двајца во оваа болница се на респираторни машини“, рече министерот Филипче.
Досега 570-те дијагностицирани по градови се од Скопје, Куманово, Дебар, Штип, Прилеп, Тетово, Струга, Велес, Битола, Охрид, Кавадарци, Гостивар, Гевгелија, Струмица, Крива Паланка, Радовиш, Крушево и во Кочани.
Новодијагностицираните се потврдени од направени вкупно 202 теста. Просекот во изминатиот период на ден изнесува 350.
„Намалениот број се должи на тоа што во недела се намалени капацитетите во однос на дежурства и луѓето што работат во лаборатории, а од денес продолжува истиот просек на направени тестови“, изјави министерот.
Тој потенцира дека епидемијата го смени текот и затоа Владата на предлог на Комисијата за заразни болести ги донесе новите повеќе рестриктивни мерки.
„Епидемијата постепено го смени текот. Ова е фаза во која очекуваме бројот на пациенти да расте и затоа денеска Владата донесе нови мерки. И досега дел од граѓаните не ги почитуваа доследно мерките, а за новите мерки за рестрикција на движењето се земаа повеќе фактори, тоа празниците кои се пред нас, како и убавото време. Само социјалната дистанца ќе стави крај на патот на ширење на вирусот. Тоа сега ни е најпотребно во интерес на нашето здравје и на нашите блиски“, рече Филипче.
Тој потенцира дека не само Куманово, Дебар или Кочани, жариште на коронавирусот може да стане и целата територија на нашата држава. Затоа апелира да се почитуваат мерките зашто само така ќе се надмине заразата и здравствениот систем ќе остане стабилен.




