Влошена е состојбата на родилката од Куманово која беше донесена со коронавирус на Клиниката за гинекологија, а потоа префрлена на Инфективна клиника. Таа роди здраво машко дете кое не било заразено од мајката. На оваа клиника шест пациенти се на апарати за дишење, приклучени на респиратор, а 12 имаат потешка клиничка слика. Таму денеска се примени се четири нови пациенти со што вкупно сега се хоспитализирани 67.
„Шест од нив се приклучени на респиратор, а 12 имаат потешка клиничка слика. Забележено е и влошување на здравствената состојба на родилката од Куманово. Таа е респираторно самостојна, но има значително полоша клиничка слика“, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Пет нови смртни случаи како последица на вирусот ковид-19 во изминатите 24 часа. Четири од нив се на Клиниката за инфективни болести, тоа се пациент од Куманово (52 години), пациентка од Лабуништа, Струга (65 години), пациентка од Челопек, Тетово (62 години) и пациентка од Штип (81 година). Петтиот смртен случај е регистриран во домашни услови во Куманово кај лице на возраст од 53 години.
„Вкупниот број нови заразени изнесува 29 пациенти, додека вкупниот број од почетокот на пандемијата е 599. Во изминатите 24 часа направивме 386 тестови, односно вкупно 5879“, рече Филипче.
Терапијата со комбинација на антибиотик и антималарик која се дава на дел од заболените на Инфективна покажува дека тие имаат континуирано стабилна клиничка слика.
Филипче рече дека е изготвен протоколот со Институтот за трансфузиологија за лекување со крвна плазма од оздравените пациенти, но се чека официјално да помине процедурата во Агенцијата за лекови, но нагласи дека многу внимателно треба да се пристапи со оваа терапија.
Во болницата во Куманово со КОВИД- заболени се вкупно 18 здравствени работници. Министерот денеска беше во посета на Куманово, заедно со претставници од Институтот за јавно здравје.
„Инфективното одделение е најмногу на удар и затоа се пратени како помош двајца доктори од Штип и од Скопје. Од вкупно 700 вработени во болницата има уште 80 здравствени работници кои се во самоизолација. Тие ќе бидат тестирани откако ќе помине периодот на инкубација. Нема друго одделение во болницата кое е со коморомитирана функција, односно со недостаток на кадар“ рече Филипче.
Во болницата „8-Септември“ има 19 пациенти, од кои 3 се на респираторни машини, а 9 се со потешка клиничка слика. На клиниката за дигестивна хирургија има вработен кој најверојатно има заболен член на семејството, во тек се тестови на семејството за потоа да се види како понатаму ќе се постапува.
Во болницата во Битола префрлени се сите пациенти од охридската болница, тоа се заболени од околината на Струга. Во болницата во Штип има четворица заболени со КОВИД-19, од кои еден е со средно тешка клиничка слика, а тројца се со лесна манифестација на болеста.
„Инфективната клиника е најмногу на удар каде што се сместени најмногу заболени и потешки случаи. На клиниката работат 23 лекари специјалисти на кои им се придружија и специјализантите, а тие помагаат организациски и со своето искуство. Долгогодишното нераспишување на нови специјализации и неатрактивноста на оваа гранка доведе во ситуација да има малку кадар од оваа специјалност, рече Филипче.
Министерот Филипче информира дека ДСЗИ континуирано е на терен, направени се 91 вонреден инспекциски надзор во јавните здравствени установи и 12 во приватните, за да се утврди дали имаат медицинска заштитна опрема, средства за дезинфекција и слично.
„Во Центарот за јавно здравје во Кочани една вработена е во изолација бидеќи кај нејзиниот син е потврден коронавирусот. Центарот функционира непречено“, посочи министерот Филипче.
Во Шуто Оризари пред неколку дена почина пациент за кого резулатот од тестот дека е позитивен стигнал откога починал. Во изолација се три големи семејства кои живеат во супстандардни услови, без струја, вода и канализација. На прашањето на НОВА, дали во овој регоин со околу 20 000 жители се планира да се постави пункт за тестирање и да се насочи вниманието таму, министерот Филипче одговори:
„Треба да се насочи вниманието таму, поединечно да се анализира случајот, за ризиците од трансмисија да се сведат на минимум“, рече Филипче.
Министерот им го честиташе Светскиот ден на здравјето на здравствените работници и им порача да се чуваат бидејќи тие се столбот на државата во овие моменти и го чуваат јавното здравје. Во исто време апелираше до граѓаните да ги почитуваат мерките кои ги донесе Владата, кои се рестриктивни со цел да има што помалку заболени и починати.
Во светот досега има околу 70 000 луѓе починати од коронавирусот, а СЗО ги предупреди земјите да не ги намалуваат мерките за заштита.