На Инфективната клиника во изминатите 24 часа примени се пет нови пациенти. Вкупниот број е 68 – со потешка клиничка слика се 20, а седум се приклучени на респиратор. На Клиниката примено е и четири месечно бебе од Кочани кое е позитивно на коронавирусот и во моментов е хоспитализирано заедно со својата мајка. Бебето е со лесна форма на анемија, во добра здравствена состојба без потреба за респираторна поддршка, информира на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Во болницата „8 Септември“ има 25 пациенти, пет од нив се во тешка состојба и приклучени на вештачка вентилација. Во болницата во Битола има четири пациенти, тројца се во стабилна состојба, а на еден му е потребна кислородна поддршка. Во Штип, пак, сите четири пациенти се во стабилна здравствена состојба.
Филипче информира дека притвореникот во затворот во Шутка, кој почина вчера од срцев удар, немал симптоми и немал висока температура, меѓутоа после обдукацијата земен е брис и утврдено е дека тој е позитивен. Во домот за стари лица во Битола, исто така, има едно лице позитивно на коронавирус. Земени се брисеви на сите лица во собите како и на дел од персоналот, а дадени се препораки и за темелно чистење на просториите.
Во изминатите 24 часа се регистрирани 46 нови случаи, позитивни на коронавирусот. По градови: Скопје –12, Куманово – 13, Прилеп – 8, Тетово -1, Струга – 2 , Велес – 8, Кочани – 1, Пробиштип – 1.
Во изминатото деноноќие направени се 341 теста. Од нив преку ИЈЗ-194, преку Ветеринарен факултет –8, Авицена –19 , Биотек –24 и Фипил Втори (Жан Митрев) –96. Досега во земјата се направени 6.571 тестирања на Ковид-19.




