Мајката на главната уредничка на весникот „Вечер“ и новинар во „Сител Тв“ Ивона Талевска покрај здравството е присутна и во маркетинг бизнисот. Според документите достапни на централниот регистер, Лимба Талевска е сопственик на фирмата Друштво за маркетинг и пропаганда СМАРТ ГРУП ДООЕЛ, фирма која регистрирана како агенција за маркетинг. На регистерот за веб сајтови истата фирма се води како административен контакт и за веб страницата на ВИЗАРИС МКД ДОО – фирмата која деновиве е во центарот на скандалот со набавката на опрема за радиологија.

Минатиот петок опозициската СДСМ излезе на прес конференција каде што обелоденија дека фирмата во која сопственици се мајката на Талевска и српски бизнисмен добила зделка вредна 40 илјади евра со Клиниката за радиологија. Ден потоа скандалот доби продолжение – СДСМ обелодени дека пред Нова година ВИЗАРИС МКД добила тендер од министерството за здравство од нешто повеќе од 1 милион евра за набавка на рендген и дигитални апарати.
Министерот за здравсто Никола Тодоров објасни дека во времето кога е склучен договорот, ВИЗАРИС МКД била во сопственост само на едно лице, извесен Марко Перковиќ од Белград, Србија. СДСМ излегоа со историјата на фирмата која покажува дека најпрво сопственици во фирмата биле лично таа и Перковиќ, за по извесно време Талевска да излезе од фирмата и да му ги отстапи акциите, а потоа по добивањето на тендерот во фирмата како сопственик се вклучува нејзината мајка Лимба. Тодоров тврди дека постапката за набавка на опремата била законска, иако самиот призна дека може да се дефинира како „малку неетична“.
“Постапката е спроведена целосно законски и согласно со законските норми. Не се согласувам со промените што се настанати по склучувањето на договорот. Разочаран сум, затоа што од еден тендер кој требаше да донесе дигитални апарати во јавните здравствени установи, настана ситуација која би ја окарактеризирал како малку неетичка, иако е целосно во согласност со законот”, рече во саботата Тодоров, најавувајќи преземање мерки доколку не е постапено според договорот.
Визарис е регистрирана на Градски стадион ББ во Скопје каде што се наоѓа Сител телевизија. Мајката на Талевска долго време работела како техничко лице во МРТВ, а потоа во Државната лотарија на Македонија од каде што, исто така, си заминала.




