Скопјанец загина во сообраќајна несреќа што се случила вчера околу 17 часот, на регионалниот пат Скопје – ХЕЦ „Козјак“ во атарот на село Варвара.
Како што информира Секторот за внатрешни работи – Скопје, во сообраќајката учествувале патничко моторно возило „голф“ со скопски регистарски таблички управувано од граѓанин на Скопје и товарно моторно возило ТАМ, со скопски регистарски таблички управувано исто така од скопјанец.
Како последица од несреќата, возачот на патничко возило „голф“ им подлегнал на повредите во Градската општа болница „8 Септември“, а неговиот сопатник се здобил со тешки телесни повреди.
Со полесни телесни повреди се здобиле пет лица, еден возач на товарно моторно возило и четворица сопатници.
Увидот го изврши екипа на Секторот за внатрешни работи – Скопје.




