Пожарот во трговскиот центар „Рамстор“ кој се појави утринава бил изгаснат за многу кратко време од противпожарниот систем, а пожарникарите биле повикани превентивно, иако немало потреба да интервенираат, информираат од „Рамстор“.
Пожарот се појавил во работниот дел на ресторанот „Истанбул кебап“ во 9:45 часот, но веднаш сензорите го вклучиле системот за гаснење со спринклери, односно прскалки, кој е инсталиран во трговскиот центар.
„Благодарение на брзата и ефикасна реакција на овој систем, немаше потреба од никаква интервенција од страна на противпожарната екипа, која исто така беше повикана и за многу кратко време пристигна на местото на случувањето.
По санирањето на оваа ситуација, во која не е причинета никаква материјална штета, трговскиот центар „Рамстор” продолжи непречено да функционира“, стои во соопштението од „Рамстор“.




