Случајот со починатите мајка и син во Велес и посмртно дијагностицираниот коронавирус кај мајката, епидемиологот од Институтот за јавно здравје Владимир Микиќ го нарече контроверзен на денешната видео-сесија во Владата посветена на прашања за ковид-19. Тој објасни дека случајот се уште се расчистува и дека е рано да се каже дали таа била инфицирана.
На исто мнение е и министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека Извештајот од судска медицина се подготвува и дека во текот на оваа недела ќе биде финализиран, по што работите ќе бидат многу појасни.
И тој и Микиќ рекоа дека се уште се утврдува времето на смртта и не може во моментов да се шпекулира ниту да се носат заклучоци.
На прашањето како е можно вирусот да остане толку долго кај починато лице, Микиќ вели дека многу е важно да се каже дека со тестовите се детектира генетски материјал и не мора да значи дека постои жив вирус, едноставно може да станува збор за нуклеинска којашто одговара на вирусот.
Министерот за здравство Венко Филипче порача дека податоците за смртта на мајката и синот ќе бидат многу важни и за идната анализа и скринингот на серолошкиот статус на населението, кој вели ќе почне откако ќе запре ширењето на вирусот.
Епидемиологот од Институтот за јавно здравје Жарко Караџовски рече дека институциите ќе истражат дали коронавирусот се појавил во Македонија многу порано од првиот детектиран случај
Посочувајќи го наглото зголемување на бројот на заболени од грип, Караџовски вели дека симптомите меѓу ковид-19 и грипот се многу слични, како и нивниот клинички почеток. Детална анализа за тоа дали можеби некои од лицата со грип имале ковид-19, вели ќе се прави откако епидемијата ќе стивне.




