Сегашните рестриктивни мерки за извоз на медицинска заштитна лична опрема од ЕУ кон западниот Балкан ќе бидат отстранети на 25 април.
Европската комисија започна со консултации со земјите-членки на ЕУ за нацрт регулативата за прилагодување на шемата за овластување за извоз, поставена на 15 март, како итна мерка што изминува на 25 април.
Новата регулатива е предвидено да се применува за ограничен период од 30 дена (од 26 април 2020 година) и ја опфаќа категорија на производи – заштитни маски. Тоа е единствената преостаната категорија за која е неопходна дозвола за извоз.
Европската Унија, на почетокот на кризата со коронавирусот, одлучи да воведе посебни авторизации за извоз на лична заштитна опрема за земјите вон ЕУ, освен за земјите членки на европската слободна трговска зона како Норвешка или Швајцарија.
Оваа одлука предизвика големо незадоволство во регионот, по што властите на шесте земји од западниот Балкан испратија писмо до Европската Комисија изложувајќи ги своите аргументи зашто е потребно изземање и на овој регион.
Портпаролот за трговија на Европската Комисија, Даниел Росарио, денеска потврди дека Комисијата го примила писмото и дека се согласува со аргументите на властите од регионот.
„Комисијата гледа логика во аргументите изложени од страна на овие земји, прашањето веќе се разгледуваше и отворени сме за изземање“, рече Росарио на денешниот дневен брифинг за новинарите во Брисел.
Рестрикциите ќе бидат ревидирани во наредните денови, бидејќи сегашните мерки истекуваат на 25 април.
„Во последните денови сме во контакт со повеќе земји членки и сега прилагодуваме некои елементи од системот за авторизации за извоз, еден елемент е типот на опрема за кој е потребна авторизација, помалку производи да бидат покриени со овој систем, а другиот е географскиот аспект на вклучување на земји вон ЕУ“, објасни портпаролот.
На иницијатива на шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан на 9 април испратија писмо до комесарот за трговија Хоган, комесарот за соседство и проширување Вархеји и до високиот претставник на ЕУ и потпретседател на ЕК Борел – со барање за изземање од регулативата на ЕУ со која одредени медицински продукти за лична заштита беа ставени под режим на извозни рестрикции, односно специјални извозни дозволи
„Потребна е солидарност и заемна соработка. Со оглед на тоа што секаде први на фронтот со се здравствените работници, сите заедно мора да осигураме дека тие ќе ја имаат во секое време и во доволни количини медицинската опрема за лична заштита. Затоа ние, партнерите од регионот, се обединивме и итно и предлагаме на Европската комисија, во предлогот за ревизија на регулативата која е во тек, да предвиди изземање од потребата за специјални извозни дозволи за нашиот регион“, соопштија од МНР.
Регионот на Западен Балкан е дел од Европа, опкружен со земји членки на ЕУ. Изземањето, нагласија од МНР, ќе испрати силен сигнал дека сите ние како Европејци работиме заедно за успешно да се соочиме и да го надминеме овој огромен предизвик.




