Одлуката на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за забрана за движење низ шума и шумско земјиште која стартува од денеска многу ги изреволтира планинарите и љубителите на природата од нашата земја.
Федерацијата за планинарство на Северна Македонија (ФПСМ) упати јавни критики за мерката со која се забранува движење на шумите во периодот од 6 до 20 часот, поради нивна заштита од пожари.
Оттаму велат дека се крајно изненадени и разочарани од, како што велат, оваа „избрзана, необмислена и нерационална одлука целосно да се забрани движењето на граѓаните во природа и во шумите кои се национално богатство и им припаѓаат на сите граѓани“.
Објаснуваат дека не држи вода причината за затворањето на шумите бидејќи месеците април и мај се највлажните месеци во годината, а на повеќето планини се уште има снег.
„Планинарите, како заљубеници во природара, шумите и планините се први кои се грижат и ги чуваат овие природни убавини и богатства. Од таму, вашата одлука да се забрани секакво движење во природа од наведените причини е: Прво, избрзана, неоправдана и нерационална не само од аспект на причините што Вие ги наведувате,туку и од здравствен аспект, поготово во услови во кои нашата земја и целиот свет се наоѓа.
Второ, го суспендира основното човеково право на слободно движење и уживање на својата сопственост.
Трето, ваква одлука е без преседан и досега не е спроведена во ниедна земја во светот“, стои во отворената реакција.
Се надеват дека надлежните ќе ја преиспитаат одлука за „добробит на сите граѓани, сите планинари, сите заљубеници на природата и особено во полза на нашето национално богатство и природни убавини.“
Во реакцијата уште додаваат и дека ФПСМ и Клубовите-членки, стриктно ги подржуваат и практицираат мерките на Владата и Министерството за здравство, за индивидуална и колективна заштита од КОВИД 19, а доказ за тоа е што досега нема пријавено ниедно прекршување на овие препораки ниту од Клуб ниту од поединец-планинар.
Ќе се реагира со петиција за надлежните да ја повлечат оваа мерка, за како што вели, со цел да го зачуваат и подобрат нивното здравје.
Дејан Доневски, претседател и водич од планинарскиот клуб „Ај лов хајкинг груп“ смета дека оваа одлука не е паметна и е лош потег на надлежните институции.
„Пожари каде се уште има снег не може да има, а дополнително од понеделник има најавени врнежи од снег и дожд со што шансите за пожар се невозможни. Трета работа е што на температура од 8 степени не може да се прошири пожар, дури и да е намерно подметнат. Забрана за движење во група од максимум 2-ца поради пожар е тотално лош потег на МШ или владата на РМ, која може да стои зад забраната. Подобро е 100 луѓе во маркет или 2-ца на планина? Доколку е поради пожар, тогаш мерката не е воопшто на место, но, доколку има позадина, тогаш ќе мора целокупниот свет кој тренира во надворешни услови да излезе и да им кажеме дека оваа мерка треба да се смени“, посочи тој“, вели Доневски за „Фокус“.
Група планинари напишаа и протестно писмо со барање да се укине оваа забрана, а истото ќе биде испратено и до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„Со големо разочарување ја примивме веста објавена на 16 април 2020 за воведување забрана за движење во шума и шумско земјиште од 6 до 20 часот, која стапи на сила на 17 април. Ги наведуваме следните аргументи заради кои сметаме дека оваа одлука треба да се преиспита и укине:
- Бараме отчет врз база на која анализа, индикатори и аргументација се донесе мерката, без консултативен процес со засегнати страни – граѓаните, на тотално недемократски и авторитарен начин.
- Сметаме дека оваа мерка не е целисходна– се објавува во период кога голем дел од планинските и шумските предели се се уште под снежна покривка или се со влажна почва од неодамнешните врнежи, а временските прилики не сугерираат поволни услови за ширење на пожари.
- Планинарите и рекреативците не се закана за ширење на пожари – надлежните служби нека си преземат други ефикасни мерки, доколку доследно ги спроведуваат важечките закони и прописи кои се однесуваат на заштита на природата и на шумите.
- Забраната за движење во шума и рекреативни места претставува кршење на човековото право на слободно движење и кршење на уставно право на граѓаните. Како одговорни институции кои го почитуваат правото, мерките треба да ги базирате на овие норми.
- Огромен дел од населението во државата доследно ги спроведува посебните мерки на Владата за борба против епидемијата на Ковид 19 – се придржува кон забраните за движење во пропишаните часови и денови, полицијата реагира и санкционира прекршувања.
- Тотално е неразумно Владата и институциите да воведуваат дополнителни отежнувачки мерки кои крајно негативно ќе влијаат на психофизичката состојба на значителен дел од популацијата, укинувајќи ги сите опции за разумно и одговорно изложување на сончевите зраци и благотворното дејство на кислородот и чистиот воздух. Препорака на Светската здравствена организација е да се носат мерки кои нема да бидат контраиндицирани со психофизичкото здравје на популацијата. Последнава мерка е токму таква – закана и ризик за влошување на психофизичкото здравје.
Поради ова, тие барат под итно Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да ја преиспита одлуката со што ќе овозможи слободно движење во природните предели на државата, во шумите и на планините, на одговорни индивидуи чија единствена цел е зачувување на здравјето и уживањето во природа. Неодговорното однесување и прекршување на мерките во врска со ширење на заразата, порачуваат тие, нека биде соодветно санкционирано!




