Шефот на германската дипломатија вели дека Македонија ќе мора и самата да придонесе за решавање на спорот за името со што ќе и се отвори патот за почеток на пристапните преговори со ЕУ.
Возовите во насока на Брисел заминуваат или застануваат на други станици. По Хрватска, која вчера во Берлин го поднесе првиот шестмесечен биланс од членството во европското семејство, Црна Гора која работи на важните поглавја и Србија која идниот вторник ќе го стартува пристапниот процес, уште еднаш неизбежно прашање на Дојче Веле за германскиот шеф на дипломатијата Франк-Валтер Штајнмајер беше: Останува ли Македонија поради спорот со името и грчката блокада „слепо црево“ на Западниот Балкан?
„Многу се надевам дека решението на спорот со името ќе ја означи стартната точка за пристапните преговори. Мора да има почеток, но, и Македонија треба за него да придонесе“, кусо коментираше Штајнмајер.
Од високи политички извори ДВ дознава дека при минатонеделната посета на Атина шефот на германската дипломатија со грчките колеги не го заобиколил и спорот со името, иако официјално на ниту едно место оваа тема не се спомена.




