Образложувајќи дека предлозите за нов состав на Комисијата за верификација на фактите се донесени како резултат на консултации со сите политички партии, Илија Димовски од ВМРО – ДПМНЕ изрази жалење што во тоа не учествува најголемата опозициона партија СДСМ.
„Ја носите одговорноста со неучеството и со тоа го губите правото да го критикувате процесот“, рече Димовски обраќајќи и се на опозицијата.
Според него СДСМ се обидува на сите оние кои биле на јавни функции да ги претстави како жртви, а затворените да ги заборави.
„Ние го поддржуваме процесот на лустрација како предлагачот во собранието, но не се согласуваме со начинот на кој лустрацијата се спроведува“, му реплицираше Ивон Величковски од Либералната партија.
СДСМ останува на ставот дека процесот на лустрација е дефектен и затоа не го поддржуваат.
„СДСМ не ја дава поддршката бидејќи се злоупотреби и стана демонски циркус на власта. Стана една опасна игра со која што се жигосаа многу луѓе. Како ќе го правдате во вашиот патос и патетика лустрирањето на Славко Јаневски? Фенерот, столбот, светилникот на македонската самобитност“, рече пратеникот Гордан Георгиев.
„Лага е Илија Димовски дека СДСМ е против процесот на лустрација. Лага е. Бидејќи СДСМ го гласаше процесот на лустрација на самиот почеток. Она што не можеме да се согласиме е начинот на кој што вие го извитоперивте, го изменивте, го уништивте и го направивте процесот на лустрација ваш став во раката за пресметки и уништување на минатото, сегашноста и иднината на потомците на голем број на луѓе, а за жал и на живи луѓе“, рече денеска во Собранието, пратеникот на СДСМ, Игор Ивановски.
„И не Македонија и СДСМ туку Советот на Европа кој што единствената институција задолжена за почитување на човековите права во сите извештаи, констатира дека се прекршени човековите права и бара корекција. Цитирам, на контроверзниот Закон за лустрација и почитување на мислењето на Венецијанската комисија од 2013 година“, истакна меѓудругото Ивановски.



