Тeстовите кои се користат во Институтот за јавно здравје се одобрени од Светската здравствена организација, изјави министерот за здравство, Венко Филипче по случајот со кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски кој вчера објави дека приватно направил тестови, и тие биле негативни.
Во извештајот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, рече тој, беа нотирани голем број на пропусти во организирањето на прес-конференцијата на кумановскиот градоначалник.
„ДСЗИ го заврши првиот инспекциски надзор и предаден е во МВР од каде треба да се произнесат, а денес се спроведува и втор инспекциски надзор. За ова информации треба да имаме утре”, вели Филипче.
Нелогичноста околу негативниот тест на Димитриевски, Филипче ја објансува со, како што вели, разликата меѓу времето кога се направени тестовите. Според Филипче, Димитриевски тестовите ги направил помеѓу 17-18 дена, а потоа уште еден по 10 дена, па заклучи дека затоа бил негативен.
„Тестовите се одобрени од СЗО. Има само претпоставки после колку време од тестирањето на кој се добива позитивен резултат може пациент да се негативизира, имајќи во предвид дека не се знае колку време претходно бил носител на вирусот. Во конкретниот случај, знаеме дека разликата меѓу двата теста е 17-18 дена, со третиот тест дополнителни 10 дена, сосема доволен период за еден пациент да се негативизира“, рече министерот.
Филипче посочи дека секој на кого му е дијагностициран коронавирусот, мора да седи во изолација 14 дена.
Градоначалникот на Куманово,Максим Димитриевски напиша на фејсбук како се одвивало повторното тестирање за корона вирус, на кој претходно му беше потврдено дека е позитивен, со што по средбата со него, дел од владините функционери завршија во самоизолација.
-Сакам да ве информирам и Вас и јавноста дека заедно со сопругата почитувајќи ги сите безбедносни протоколи и процедури направивме тестирање на Ковид 19 на сопствена сметка во неколку релевантни лаборатории во државата, воедно претходно и тестирање од страна на ЦЈЗ Куманово на сите членови од моето семејство. Сите тестови се НЕГАТИВНИ, порача Димитриевски.
Димитриевски веќе писмено побарал од епидемиолошката служба при Центарот за јавно здравје Куманово, да ги разгледа резултатите од тестирањата, доколку е потребно да се направи повторен тест, и под итно да достават барање укинување на решенијата за самоизолација, како за него и неговото семејство, така и за сите негови контакти кои биле посочени во епидемиолошката анкета.
–Се надевам дека моето барање ќе биде итно разгледано и реализирано во рамки на процедурите бидејќи покрај негативните тестови здравствената состојба на мене и семејството е добра и не постојат никакви симптоми ниту показатели на инфекција од Ковид 19 со цел да се вратам на секојдневните работни обврски и заедно со мојот тим во Општинскиот штаб за заштита и спасување да продолжам со борбата против епидемијата во нашиот град и државата, пишува Димитриевски.




